Земјоделците чекаат на директна помош од државата за надоместување на штетите од поплавите и други временски неприлики, а тоа во бројки изнесува околу 5 милиони евра трошок за сите оштетени, што е прилично голем износ, кој може да се пренасочи за други потреби во земјоделството. Најдобро е земјоделците да ги осигураат своите површини, односно посевите со кои тие се засеани, со што многу полесно ќе ја надоместат штетата и побрзо ќе можат да го обноват производството.

Ова го порача Билјана Петровиќ од здружението „Современо Земјоделство“ на првата трибина од едукативната кампања за подигнување на јавната свест за земјоделско осигурување што се одржа во Битола во организација на земјоделското здружение „Современо земјоделство“ и осигурителени компании, со поддршка од Владата на Република Македонија.

Идејата за оваа кампања произлезе од потребата за поголема едукација и информираност на земјоделците за важноста од осигурувањето имајќи предвид влијанието на климатските промени и несигурноста на земјоделското производство како „фабрика на отворено“.

Петровиќ појасни дека ова е само првата фаза од ваква кампања што придонесува кон приближување и усогласување помеѓу интересите на осигурителните компании и земјоделците и воедно да се добие поголема информираност за начинот и условите за добивање на осигурителна полиса.

На трибината учествуваа претставници од неколку земјоделски здруженија кои дадоа свои забелешки и сугестии како да се зголеми интересот кај земјоделците за осигурување на производството, имотот, добитокот како и животното осигурување.

-Нашата забелешка до осигурителните компании е тоа што не сме доволно информирани односно очекуваме тие да ни укажуваат што е најдобро за нас, која нивна понуда е најприфатлива и да ни објаснат убаво, со едноставни зборови за да се разбереме пред да потпишеме полиса, а не потоа да се жалиме дека не сме задоволни од нивната компанија, вели Петре Стојковски од здружението „Клас“.

Поддршка во осигурувањето добиваат и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое покрива 60 отсто од вредноста на полисата, преку субвенционирање. На трибината се зборуваше и за превентивата што треба да биде позастапена со цел да не доаѓа до поголеми оштетувања од град кај лозовите и овошните насади, на кои поради застарениот начин на насад нема услови да се постават заштитни мрежи, особено во преспанскиот регион.

-Влада веќе го изгласа новиот начин на заштита со авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделски посеви. Станува збор за нов систем за заштита од временски непогоди што предвидува контрола на климатските услови преку таканаречено засејување. Тоа подразбира надлетување на небото на територија на Република Северна Македонија со специјално опремени авиони што ќе испуштаат раствор за спречување на формирање на мраз во облаците. Со овој вид на заштита од природни климатски непогоди како што е градот се постигнува најефикасен систем за превенција и неколкукратно поекономичен систем од старите ракетни системи, изјави Александар Мусалевски од Министерство за земјоделство, шумартсво и водостопанство.

Во кампањата учествуваа осигурителните компании Триглав, Евроинс, Кроација, Сава и СН Осигурителен брокер АД Битола.

Трибините продолжуваат и во други градови низ државата, за да се постигне поголема информираност и значително зголемување на земјоделското осигурување.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2019 14:48