По јубилеен 10-ти пат синоќа во ресторанот „Виа Игнација“ во Вевчани беше отворена традиционалната Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“.
На годинашната колонија, како што информира Ефимија Угриноска претставник од организацискиот одбор, ќе учествуваат 35 уметници од земјава и светот поделени во две групи и 12 млади талентирани уметници кои ќе творат со своите поискусни колеги.
– Вевчани е секогаш инспирација за уметниците да творат во оваа природа, а ние како организатори ќе им овозможиме добри услови за тоа. Секоја година се стремиме кон тоа делата што ќе бидат насликани на Меѓународната ликовна колонија во Вевчани да одат на изложби низ Македонија, но и низ Европа. Со тоа правиме промоција на Вевчани и на државата, но и на уметниците и нивното творештво, истакна Угриноска.
Уметникот Петар Попчев од Скопје, кој учествува секоја година од самите почетоци на колонијата смета дека годинашното издание е најдобро според квалитетот на учесниците.
– Убавината на Вевчанската колонија не е во природата и убавините, туку во гордоста на луѓето. Вевчанци се горди и кога ве сакаат ве сакаат со цело срце. Но треба да им вратите со нешто, со однесување, со слики… Уживам, бидејќи сум слободен уметник, цела година сликам во атеље, а овде сликам надвор во природа, вели Попчев.
Ефтим Ристов, македонец од Солун учествува по втор пат на колонијата, а најголема инспирација за неговите дела вели дека е водата.
– Овде се раѓа водата, тука е звукот на водата и како инспирација на моите слики е водата. Мислам дека Вевчанската колонија е една од подобрите колонии, а тоа зависи од местото и од луѓето што учествуваат, посочи Ристов.
Трет пат на колонијата учествува бугарскиот уметник Петар Бељашки, кој инспирација црпе од природата.
– Природата е прекрасна. Пријатно се чуствувам тука, а и колегите се добронамерни се собираме, комуницираме… Тоа е многу сериозна колонија. Јас сакам да сликам модерно и апстрактно. Ме инспирира жуборот на водата и природата е многу убава, рече Бељашки.
На отворањето на јубилејното издание на колонијата присутните ги забавуваа хрватските музички ѕвезди Даниела Мартиновиќ и Петар Грашо.
Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ почна да се организира од 2010 година. До сега, на оваа реномирана културно-уметничка манфестација учествувале над 150 еминентни ликовни уметници од државата и од странство.