КУД „Дримкол“ од Вевчани ги презентираше македонскиот фолклор и традиција пред публиката во албанскот град Пермет, каде по 17-ти пат, од 21 до 23 јуни, се одржува меѓународниот фолклорен фестивал „Мултикултурен Пермет 2019“.

Оваа значајна манфестација што се одржува во организација на ЦИОФФ, завршува денеска, а меѓу многубројните учесници од повеќе земји, нашата држава ја претставуваше КУД „Дримкол“.

-Прв пат сме на фестивал во Албанија и навистина сме пријатно изненадени од целокупната организација на фестивалот, топлиот пречек и гостопримство кои ни се укажуваат овие денови. Особено не радуваат рекациите на публиката кон македонскиот фолклор кој го прифаќаат со воодушевување и уживаат секоја вечер на отворената летна сцена во центарот на градот, изјавија од канцеларијата на КУД Дримкол.

Додаваат дека ова е трето учество на меѓународен фестивал овој месец после учеството на фолклорните фестивали во Краљево, Србија и фестивалот Света Тројца во Долно Лисиче, Скопје.

По завршување на овој фестивал, КУД „Дримкол“ продолжува со своите концертни активности на охридско-струшкото крајбрежје, подготовка за учество на Балкански фестивал во Охрид како и подготовки за денови на македонската култура во Истанбул, Република Турција.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2019 13:33