Во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“ денеска во Скопје, во организација на издавачката куќа „Готен“ ќе се одржи разговор со писателите Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски, Живко Грозданоски и Илија Ѓуровиќ.

Ѓуровиќ е писател од Црна Гора, кој во текот на јуни е гостин на резиденцијалната програма на издавачката куќа „Готен“ која е дел од овој проект.

Како што соопштуваат од издавачката куќа, проектот „Читајќи го Балканот“, опфаќа резиденцијални престои на автори од Балканот во шест балкански градови (Скопје, Тирана, Белград, Сараево, Сплит и Ново место) и е конкретен повод за разговорот.

Тројцата македонски автори кои ќе учествуваат во разговорот се исто така дел од проектот и досега веќе оствариле резиденцијални посети. Од нашата земја во проектот „Читајќи го Балканот“ преку резиденцијален престој учество остварија и Лидија Димковска, Даим Мифтари, Игор Анѓелков, Давор Стојановски и Иван Шопов.

Илија Ѓуровиќ (Подгорица, 1990) е автор на кратки раскази, поезија, драми и филмски сценарија. Неговите раскази се објавени во списанија во Црна Гора и во регионот, а застапен е и во неколку антологии. Моментално живее и работи во Берлин, а првиот негов роман треба да излезе во 2020 година.

Разговорот со четворицата писатели ќе се одржи во книжарницата „Антолог“, а ќе го води Владимир Јанковски.

Проектот „Читајќи го Балканот“ е партнерски проект на издавачката куќа „Готен“ од Скопје, „Гога“ од Ново Место и организацијата „Крокодил“ од Белград. Проектот се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/06/2019 15:29