Новиот филм на словенечкиот режисер Дамјан Козоле „Полусестра“, во кој македонската продукција „Сестри и брат Митевски“ е малцински копродуцент, на 2 јули ќе има светска премиера во главната селекција на Филмскиот фестивал во Карлови Вари.
Како малцинска копродукција „Сестри и брат Митевски“ учествуваше и во претходниот филм на Козоле „Ноќен живот” кој, исто така, премиерата ја имаше во Карлови Вари, каде освои и „Кристален глобус“ за најдобра режија во 2016 година.
Филмовите на познатиот словенечки режисер Козоле секогаш зборуваат за актуелни теми. Сите негови филмови имаат големи успеси на фестивали, но и во однос на дистрибуцијата во Европа.
„Полусестра” е словенечко-македонско-српска копродукција и раскажува за две полусестри и проблемите со кои се соочуваат. Филмот беше поддржан од нашата Агенција за филм, а меѓу членовите на македонската екипа се актерката Лабина Митевска, монтажерот на филмот Атанас Георгиев и снимателот на тон Игор Поповски. По премиерата на 2 јули, „Полусестра” ќе биде уште двапати прикажан на фестивалот во Карлови Вари, на 3 и на 5 јули.