Советот на Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ) од Министерството за култура бара ревизија на спроведената нивелација на платите со вклучување нивни претставници, итно усвојување на новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата и потпишување колективен договор до 30 септември кој ќе почне да се спроведува од 1 јануари 2020 година.

Целта е да се реши проблемот со работните односи и платите во областа на културата кој, како што наведува, егзистира веќе една и пол деценија. Доколку трите барања не им бидат исполнети, СКРМ најави генерален штрајк во културата од 1 октомври 2019.

– Кај вработените од културата постои незадоволство поради многу неправилности во процесот на спроведување на нивелацијата на платите, како што е неоснованото покачување на коефициенти на сложеност кај одредени работни места што не се утврдени претходно, па дури и менување на називот на работните места за индивидуален профит, соопшти Синдикатот чиј Совет во четвртокот одржал состанок за состојбата во културата и за динамиката на најавените реформи во секторот.

Нивното членство е незадоволно и од тоа што сè уште не е усвоен новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата и, како што посочува, е во процес на „тромава“ подготовка речиси две години.

-Законот требаше да биде усвоен одамна и со него очекуваме да се решат многу проблеми во работниот однос со што ќе се постави солидна правна основа за потпишување нов општ колективен договор во културата. Потсетуваме дека поради отсуството на колективен договор, речиси 15 години работните односи се нерегулирани, а културата е школски пример за газење на правата на сите вработени од страна на државата, пишува во соопштението на СКРМ, кој оценува дека уметниците и културните работници во изминатите две години станале жртва на партиско-коалициски пазари, на што се должи и продлабочувањето наместо решавање на децениските проблеми.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2019 09:45