Од јули треба да се намалат цените на услугите во роаминг меѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ. Намалувањето во јули се очекува да биде за 27 проценти, а од јули 2021 година да биде целосно укинат.

Регионалниот договор за роаминг беше потпишан во април годинава во Белград во рамки на Вториот дигитален самит на земјите од Западен Балкан.

Регулаторите и телекомуникациските оператори до 1 јули треба да подготват акциски план и мапа за претстојните активности со прецизирање кој ден што ќе стартува.

Според податоците на СРС, оперативно тело на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа, повеќе од 76 проценти од граѓаните на Југоисточна Европа (ЈИЕ) се корисници на интернет, додека 40 проценти од нив ги користат сите апликации на социјалните мрежи на мобилните телефони, а повеќето се млади луѓе. Седумдесет отсто од стопанствениците од Југоисточна Европа сметаат дека укинувањето на цените на роамингот ќе им помогне во поттикнување на трговијата. Повеќе од 12 милиони туристи минатата година дошле во Западен Балкан и сите биле загрижени поради цената на роамингот.

Од 1 јули 2017 година, Македонците зборуваат поевтино кога патуваат во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, откако стапи на сила третото намалување на цените на роаминг услугите согласно со Договорот меѓу четирите држави од 2014 година. Кон регионалната иницијатива се приклучија и Албанија и Косово.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2019 11:30