Стрип центарот на Македонија во Велес со поддршка на Министерството за култура денеска и утре во Ученичкиот интернат во Велес организира Стрип училиште на кое учествуваат 18 млади и талентирани цртачи, основци и средношколци од Велес, Куманово и Кавадарци, под менторство на нивните наставници и стрип автори од СЦМ-Велес.

– Целта ни е кај овие млади вљубеници на уметноста да ја поттикнеме љубовта кон стрипот. Воедно преку овие стрип училишта да откриеме и нови и млади и талентирани цртачи кои се иднината на македонскиот стрип кој е во подем, изјави Ване Трајков, раководител на СЦМ-Велес.

Рече дека во изминатите 20-ина години отога работи СЦМ-Велес досега организирале петнаесетина слични вакви училишта и работилници за стрип за млади од различни возрасти на кои заедничко им било љубовта кон цртањето и стрипот.

-Можеме да се пофалиме дека токму преку нашите училишта за стрип сме поттикнале на стрип творештво и сме откриле многу млади талентирани стрип автори кои потоа станале и се познати на македонската и поширока меѓународна стрип сцена, рече Трајков.

Воедно во СЦМ-Велес во нивната просторија во Велес во сите изминати години континуирано работи стрип училиштето за млади.

Додаде дека Министерството за култура првпат финансира нивно училиште за стрип и бара и понатаму да има слух за слични и вакви стрип училишта и работилници и во други градови во земјава.

Стриповите што ќе ги создадат младите учесници на Стрип школата во Велес ќе и бидат претставени на публиката на изложби во Велес, Куманово и Кавадарци.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2019 19:17