Докторот по историски науки и филателист Бранислав Светозаревиќ од Тетово е добитник на златен медал „Вермеил“ на светската филателистичка изложба што се одржа во градот Вухам во Кина од 11 до 17 јуни. Оваа престижна награда тој ја доби во категоријата филателистичка научна литература за неговата книга „Поштенска историја на Македонија од 1843 од 2010 – поштенски жигови“.
-Оваа награда е најолема што сум ја освоил во филателијата, а воедно досега претставува најголем успех на македонските учесници на светските и европските филателистички изложби. Во книгата има 1600 фотографии на жигови од 1843 до 1970 година, кога се стандардизирани овие поштенски елементи. Поштенските жигови во филателијата се како посебна дисциплина и најтешки за собирарање. Оваа книга е прва од таков вид во Македонија, изјави Светозаревиќ.
Книгата е резултат на неговата сопствена филателистичка збирка, од колекции на други колеги, како и од друг вид архивски материјал собиран од 1991 до 2018 година.
Покрај историјата на поштите, со поштенските жигови се опишуваат и други општествени моменти од минатото во Македонија.
-На територијата на Република Македонија во овој период регистрирав 555 пошти. Поради околностите на истражувањето беше потребно да се утврди и топонимија на одредени места односно села кои порано постоеле а сега ги нема на картата на државата. Некои од нив првпат ги среќавав, а имаше и пошти во села кои веќе не постојат, рече Светозаревиќ.
На светската филателистичка изложба признание има добиено и македонскиот филателист Синиша Павлески, а забележително учество има и каталог на „Македонска пошта“.
Бранислав Светозаревиќ Покорни е роден 1966 година, а научно-истражувачката дејност ја врши во областите на историјата, архивистиката, музеологијата и културата. Автор е на десет книги.