Формиран со основна цел да го собира, негува и уметнички да го надградува македонското фолклорно богатство и да го претставува во земјата и надвор од нејзините граници, националниот ансамбл „Танец“ вечерва со концерт го одбележа седумдеценискиот јубилеј. Во Националната опера и балет беше претставен само дел од богата ризница што „Танец“ ја чува од основањето на 24 март 1949 година.

Оттогаш ансамблот има бројни кореографии, илјадници концерти низ светот, огромен фонд на песни, ора, оригинални носии и сценски адаптации. Поради тоа и го носи епитетот симбол и амбасадор на македонскиот фолклор, подвижен музеј на македонската духовна култура.

На свечениот концерт јубилејот им го честиташе премиерот Зоран Заев кој рече дека оваа институција е од посебен општествен интерес и наша должност е да ја следиме светлата траекторија по која се движи цели седум децении. Нарекувајќи го расадник на уметноста и на професионалци, „Танец“ мора, рече Заев, да ја продолжи својата мисија на негување и презентирање на исклучително богатото автентично фолклорно творештво.

– Никој не останува рамнодушен кога настапува „Танец“. Уште при првиот звук од зурлата, уште на првиот удар од тапанот и при првиот чекор на ороводецот ни заигруваат срцата, ни затреперува телото. Не само нам, туку и на сите нашинци во дијаспората и на сите луѓе во светот. Затоа треба да сме им благодарни на сите генерации, членови на „Танец“, кои успеаја да го одржат континуитетот на чување на високите вредности што цели седум децении го прават горд нашиот народ, истакна претседателот на Владата, додавајќи дека должност, но и чест е на ансамблот да му се обезбедува сигурна иднина.

Актуелниот директор Мартин Вучиќ истакна дека „Танец“ го задржува стандардот што го поставил уште на првото меѓународно претставување под кој, како што рече, не ни е дозволено да одиме. Традицијата од минатото ја поврзуваат со современите текови и модерните сценски видувања.

-Ние, сегашните, и идните генерации, мора да бидеме во чекор со тие високи критериуми и цврсто да го одржуваме тоа врвно ниво и претпазливо да го надградуваме со нови пристапи и обликувања беа притоа да го осквернавиме, рече Вучиќ.

Со овации од публиката беше поздравен доајенот на „Танец“ Атанас Коларовски, претставник на првата генерација играорци и две децении негов раководител, кому му беше врачена посебна благодарница. Коларовски е автор на неколку кореографии, меѓу кои на ората „Драчевка“ и „Калајџиско“, а во документарецот со кој почна вечерашниот концерт тој ги раскажа сеќавањата од почетоците на ансамблот.

Благодарници им беа доделени и на четворица други поранешни раководители на „Танец“ за особен придонес во неговиот развој – Томе Димишковски, Бошко Тренески, Марко Колоски и Зоран Џорлев.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/06/2019 09:50