Нови 500 вработувања до крајот на годината во технолошко-индустриската развојна зона во Тетово со што бројката од сегашните 1.500 ќе се зголеми на вкупно 2.000 работни места. Ова беше најавено при денешната посета на норвешката министерка за надворешни работи Ине Ериксен Сореиде, која се сретна со Бордот на директори на „Нормак Инвстмент Груп“, норвешко-македонската компанија која стопанисува со зоната.

– Оваа инвестиција преку „Нормак“ резултираше со 1.500 работни места во зоната и има планови за проширување. Имаше некои проблеми со регулативата и со институциите за кои сум уверена дека ќе се решат во наредниот период, за што имавме дијалог со властите. Сметаме дека треба да направиме се што можеме за да им помогнеме на норвешките инвестиции и компании, а знаеме дека и за властите е важно да создадат нови работни места. Уверена сум дека оваа инвестиција ќе расте во иднина и дека условите ќе бидат добри за оваа инвестиција и за други, изјави Сореиде.

Бесим Зекири од „Нормак АС“, мајка-фирма на „Нормак Инвестмент“, истакна дека колку побргу ќе се подобрат инфраструктурните услови за зоната, толку повеќе ќе има инвестиции.

– Многу ни е важна поддршката што ја добиваме од норвешката Влада. Ова е најголема инвестиција од приватен инвеститор од Норвешка во Северна Македонија. Зоната е најголем работодавец во регионот на Полог. Имаме големи амбиции за иднината, но потребно ни е да добиеме поврзување со автопатот. Инвестиравме многу пари, подготвени сме да инвестираме уште пари во иднина. Имаме 1.500 работници, целта е до крајот на годината да има 2.000. Долгорочна амбиција се десет илјади работни места, но за тоа ќе треба уште повеќе напори од Владата на Северна Македонија посебно во делот на поврзувањето со автопатот, изјави Зекири.

Претседателот на Управниот одбор на „Нормак Инвестмент Груп“, Аки Етеми посочи дека поддршката од Норвешка укажува на тоа колку е сериозен проектот и намерата да се зголеми бројот на работници уште оваа година.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/06/2019 18:44