По соопштението од Финансова полиција дека е поднесена кривична пријава, ТЕ-ТО АД Скопје веднаш достави демант до медиумите.

– Со оваа информација сакаме да го дополниме демантот и да наведеме аргументи за неоснованоста на обвинувањата изнесени од Финансова полиција. Прво, недопустливо е Финансовата полиција да излегува на прес конференции за медиумите со бомбастични најави за наводен криминал кај најголемиот странски греен фиелд инвеститор во државата и тоа во фаза на интерни истражни постапки. Јавно се изнесуваат крајно паушални и неаргументирани наводи, кои допрва треба да се докажуваат во правни постапки. Ваквите неаргументирани јавни настапи и напади врз странски инвестиции од страна на сериозни институции каква што треба да биде Финансовата полиција се целосно во спротивност и на штета на клучниот приоритет на Владата за привлекување странски инвестиции во државата – велат од Те-То.

Оттаму појаснуваат дека од самото соопштение до јавност видно е дека Финансова полиција поднесува кривична пријава за перење пари без притоа да има доказ – судска пресуда.

– Постоечките наводи за перење пари и криминални дејствија се базирани на информации од незавршени истраги, за кои се тврди дека се водат во Руската Федерација. Обвиненијата дека директорот на ТЕ-ТО АД предизвикал лажен стечај се целосно неосновани. Ова е видно од ревизорските извештаи на ТЕ-ТО АД изработувани од реномирани ревизорски куќи, а кои се однесуваат на годишните сметки на компанијата за периодот од кога истата почна со комерцијална работа до стапувањето во сила планот за реорганизација. Фактот дека услови за стечај постоеле го потврди и самата Топлификација АД со тоа што на 30.05.2018 година поднесе предлог за стечај на ТЕ-ТО АД Скопје – нагласуваат од Те-То.

Од компанијата демантираат дека обвиненијата дека директорот на ТЕ-ТО АД потпишал нотарски спогодби спротивно на Законот за трговски друштва и Статутот на компанијата се исто така неточни, бидејќи со наведените спогодби се прави само одлагање на веќе доспеани заеми, не се превземаат никакви дополнителни обврски за компанијата, туку напротив компанијата ја подобрува својата позиција во однос на веќе доспеаните обврски.

– Тоа е во целост согласно Законот за трговски друштва и Статутот на компанијата. Уште повеќе, одлагањето на рок на враќање на веќе доспеани заеми, не влијаел на фактот дека компанијата ги исполнува условите за реорганизација. Согласно Законот за стечај, секое лице овластено за застапување на правното лице има право да поднесе предлог за отварање на стечај. Така што неточни се наводите дека директорот на ТЕ-ТО АД неовластено поднел предлог за стечај – стои во писменото соопштение.

Сметаат дела ваквиот неодговорен однос кон компанијата ТЕ-ТО АД Скопје нанесува непоправливи штети на деловната репутација, ја отежнува конкурентната способност на компанијата на европскиот пазар и го нарушува нејзиното нормално работење.

– ТЕ-ТО АД има сериозен позитивен импакт врз економијата во државата преку плаќање такси и други давачки во висина од околу 8 милиони евра годишно. Во компаниите на групацијата ТЕ-ТО и БЕГ работат околу 350 вработени во голем дел високо стручен инженерски кадар. ТЕ-ТО АД Скопје е најголемиот потрошувач на гас во државата, кој произведува топлинска и електрична енергија на начин поволен за животната средина. И покрај неоснованите дејствија на истражните органи, компанијата ја продолжува својата дејност со сигурно и квалитетно производство на електрична и топлинска енергија во енергетскиот систем на државата – потенцираат од компанијата.

ТЕ-ТО АД Скопје со сите правни и законски мерки кои се на располагање ќе докаже дека наводите од кривичната пријава се неосновани и ќе ги заштити интересите на компанијата, акционерите, доверителите, вработените и на државата.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/06/2019 18:29