Пред околу 12 месеци, Новак Ѓоковиќ го започна своето враќање во врвот на тенисот. Минатата година тој триумфираше на „Вимблдон“, а потоа следеа уште две Гренд-слем титули. Во 2019 година, Србинот ја започна сезоната со титулата на Отвореното првенство на Австралија, а сега се враќа во Лондон како број 1 во светот.

– Има доста голема разлика. Минатата година испаднав од топ 20 по „Ролан Гарос“. По операцијата, резултатите не ми беа постојани. Успехот на „Вимблдон“ беше отскочна даска за мене, ми донесе огромно олеснување. Потоа се тргна нагоре – го освоив Синсинати за прв пат, а потоа „Ју Ес Опен“. Титула од Гренд-слем може да ја промени кариерата на секој. Дури по 15 Гренд-слем титули јас се уште ги ценам многу овие турнири и успехот во нив е важен за целата моја кариера, мојата доверба и мојата иднина, вели Србинот.

За Новак, „Вимблдон“ останува посебно место.

– Тревата е историската подлога, најтрадиционалната. Овој турнир е свет за нашиот спорт. Затоа овде се чувствувате посебно, вели тенисерот.

Србинот се соочува со Филип Колшрајбер во првиот круг и знае дека тоа нема да биде лесен за надминување предизвик.

– Колку поефикасен си во првата недела, толку подобро. Треба да си максимално концентриран, за да победиш во три сета против ривал како Колшрајбер, кој е многу добар на трева. Тој ме победи претходно оваа година во Индијан Велс, додава светскиот рекет бр.1.

Ѓоковиќ, исто така, ја коментираше темата за управување со тенисот, дефинирајќи ја тековната структура како „неприфатлива“. Во петокот, Советот на на играчите на АТП имаше средба, по што четворица од членовите заминаа. Меѓу нив беа Џејми Мареј и Дани Валверду. Новак, кој е претседател на советот, рече дека размислува за повлекување, бидејќи неговата улога пречи на неговиот тенис.

– Доста е заморно. Мислев дали да се повлечам. Од мојот штаб сакаат да не се занимавам со тоа. Јас чувствувам нешто внатре што ми вели дека треба да останам, бидејќи мислам дека сме дел од фаза на големи промени во тенисот Веројатно тоа го попречува мојот тенис, но чувствувам дека тоа е за општото добро и затоа сум тука, додаде српскиот тенисер.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2019 16:31