Министерството за економија не дава никакви дозволи и лиценци за тутун. Министерство за економија само ги впишува во регистарот компаниите кои се занимаваат со тутунски производи, појаснуваат денеска од Министерството по изјавата на директорот на Финансиската полиција дека според доказите што ги имаат во случајот Љуботен се вмешани и неколку државни институции кои дале потврди или дозволи за увоз на тутунот, притоа посочувајќи на Министерството за економија и Царината.

Од Министерството за економија посочуваат дека во случајот Љуботен не се работи за тутунски производи, туку за тутун и оти Министерството, согласно новиот Закон за тутун и тутунски производи, има надлежност само да ги впише компаниите во регистарот согласно решението кое го добиваат од Пазарната инспекција.

– Компанијата доставува барање до Министерство за економија за да биде впишана во регистарот. Ние согласно нивното барање, праќаме барање до Државниот пазарен инспекторат да излезе на лице место и да утврди дали се исполнети условите за да се впише во регистарот. Согласно решението од Пазарниот инспекторат, компанијата се впишува во регистарот кој е јавен и транспарентен. Потоа постапката ја водат Царина и Земјоделскиот инспекторат, појаснуваат од Министерството за економија.

Оттаму нагласуваат дека случајот Љуботен треба да се расветли и оти ја повикале Финансиската полиција да дојде и да ја земе целокупната документација за упис во регистарот.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2019 12:49