Движењето „Антиказино“ од Тетово во очекување на втората јавна расправа за измени во законот за игри на среќа собра 52 потписи од влијателни општествени личности од градот и изработи видео спот со цел да укаже на јавноста на потребата за попрецизно регулирање на оваа сфера поради негативниот ефект во општеството.

Барањата на Движењето се објектите каде се приредуваат игри на среќа да бидат 3 километри надвор од населените места градовите, да се одвојува пет отсто од буџетот од игрите на среќа за реновирање на објекти од јавен интерес, како и да се направи национална стратегија за едукација околу опасностите кои ги предизвикува коцкањето.

– Со овие 52 потписи сакаме да укажеме дека имаме широка поддршка во нашите барања за интервенции во законот и оддалечување на објектите од образовните установи. Добивме потписи од сите директори на училишта во Тетово, верските лица од МЦП и ИВЗ, претставници на Универзитети и други. Сметаме дека е во интерес на општеството овие објекти за игри на среќа да бидат надвор од населените места, вели Џемал Абдиу од Движењето.

Во видео спотот во кој учествува актерот Музафер Етеми главната порака е дека претежно децата се тие кои страдаат поради коцкањето на возрасните.

– Игрите на среќа според нас се рак на општеството, тие предизвикуваат негативни појави во семејствата, а поради тоа што се наоѓаат во близина на училишта се кршат етички принципи во едукативно-образовниот систем. Штетата на овој бизнис е поголема од добивката на индивидуален и групен интерес, смета Абдиу.

Првата јавна расправа во Собранието се одржа на 13 јуни, а во скоро време треба да има и уште една каде граѓанските организации ќе имаат можност да укажат на потребите за измени и дополнување во законот.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2019 14:38