Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) при креирање и реализација на програмските активности се прилагодува на туристичките трендови и преференците на новите патувачи, како и на потребите и можностите на локалните туристички ентитети.
Новите генерации преферираат нови искуства и бегство од здодевните долги одмори и веќе видени дестинации. За повеќето од нив, адреналинското искуство е во фокусот при избор на дестинацијата за одмор, а со оглед на тоа дека се технолошки и дигитално поедуцирани од сите претходни генерации, предност им даваат на дестинациите кои нудат диверзитет и различност, наведува АППТ.
Преку институционалната соработка и координација со туристичките субјекти на регионално и локално ниво, АППТ придонесува за збогатување на туристичките содржини, а со тоа дава и можност дестинацијата да стане конкурентна на светскиот туристички пазар. Концептот вклучува промоција на одржлив туризам и безбедност на патувачите, а за таа цел се преземат соодветни активности во насока на подобро развивање на индустријата.
Оваа година Агенцијата за туризам во соработка со институциите, здруженијата и сите инволвирани и засегнати страни целосно ги реализираше проектите за спортско качување и алпинизам. Лансирање на најпопуларните дестинации на кои туристите ќе можат да си ги задоволат своите авантуристички апетити ќе овозможи нови, одржливи атракции и зајакнување на локалниот економски развој. Ултимативната цел на ваков тип на активности е општ пораст и развој на туризмот како индустрија во земјава и воедно пораст на една целна група на туристи – бекпекери, кои се симбол за авантура и независност.
Во однос на спортското качување, како што соопшти АППТ, поставени се 120 нови насоки кои се стандардизирани согласно светските прописи за спортско качување, уредени, означени и редовно одржувани од страна на избрани домаќини. Ова е еден од начините за креирање на нов туристички производ кој АППТ дополнително ќе го промовира низ светот.
За алпинизмот – согласно трендовите и порастот на посетители заинтересирани за посета на домашните алпинистички локалитети, обновени и проширени се насоките во Демир Капија, Матка, Камена Баба и Лешница. Активностите значат поставување на клинови произведни според стандардите за безбедност и квалитет на Меѓународна алпинистичка унија (УИАА), отстранување на ронливите делови од карпите (како во самите алпинистички насоки, така и надвор од нив), обележување на почетните и крајните точки на алпинистичките насоки и маркирање на пристапните патеки и патеките за излез од насоките.
Агенцијата додава дека посетителите може да уживаат во планинарските патеки: Срцето на Плачковица, Огражден, Брана Водоча, Чичи Каја, Караџица – Салкови есера – Солунска глава и Голак – Виница на кои се постави соодветна маркација, патокази, заштитна опрема на опасни места, како и друга опрема со цел подобро користење на патеките и истите ќе започнат да се промовираат.
Покрај Куклици, АППТ открива и една скриена атракција – Делчевските скаменети сватови, кои ги уреди во соработка со Општина Делчево. Туристичкиот локалитет Истевнички Кукуље се реализираше преку изработка и поставување на урбана опрема (информативна табла, фото летниковец, маси, клупи), со што се овозможува развојот на овој локалитет.