Преку Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид во првите шест месеци годинава патувале 1,2 милиони (1.163.667) патници, што претставува пораст од 12 проценти во споредба со истиот период од минатата година, соопшти ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор.
Во исто време, вкупниот број летови на двата македонски аеродроми изнесува 9.792, со годишен пораст од осум проценти.
– Двоцифрените стапки на пораст на бројот на патници на македонските аеродроми продолжуваат и во првата половина од 2019 година, кои што се повисоки од просекот на ЕУ од 5,9 проценти. Очекуваме порастот на бројот на патници да го задржи истото темпо и да биде уште поголем во третиот и четвртиот квартал од годината, поради отворањето на четирите нови дестинации од скопскиот аеродром: Баден-Баден и Бремен, отворени во март, Ларнака и Турку што ќе бидат отворени на крајот на јули, и шесте нови дестинации од охридскиот аеродром: Малме и Милано, отворени во март, Дизелдорф и Штутгарт отворени минатата недела, како и Меминген и Дортмунд, кои ќе бидат отворени на крајот на јули, вели во пишана изјава Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Меѓународниот аеродром Скопје моментно опслужува 42 дестинации, од кои 33 се нискобуџетни, управувани од 13 авиокомпании, додека аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужува 20 дестинации, од кои осум се редовни рути во текот на целата година но и нискобуџетни во исто време, од 13 авиокомпании.
Според уделот во патничкиот сообраќај, од јануари до јуни годинава, Истанбул (и двата аеродроми – Истанбул и Сабиха Гокчен) е најфреквентната дестинација на Меѓународниот аеродром Скопје со 10,1 проценти пазарен удел, по што следуваат Цирих (6,9 проценти), Базел (5,4 проценти), Виена (5,4 проценти), Малме (4,3 проценти), Братислава (3,4 проценти).
Во однос на уделите на авиокомпаниите во вкупниот патнички сообраќај, Виз ер превезе најголем број патници во првите шест месеци и има 65,1 процент удел на пазарот, по што следуваат Туркиш ерлајнс (7 проценти), Аустријан ерлајнс (5,3 проценти), Германија флуг (4,2 проценти), Пегасус ерлајнс (3,4 проценти), Кроација ерлајнс (2,9 проценти).
Карго-сообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје, исто така има голем годишен пораст од 31,7 проценти, достигнувајќи вкупно 1.960.388 килограми, во периодот јануари-јуни годинава.
Ако се гледа статистиката за воздушниот сообраќај на двата аеродрома одделно, аеродормот во Скопје во првата половина од годинава има 1.059.223 патници и зголемување од 8,5 проценти, а охридскиот аеродром има 104.444 патници, односно 62,9 проценти годишен пораст.