Економските фундаменти и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата, што ги потврдува очекувањата за солиден економски раст оваа година, оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на вчерашна седница.

Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 2,25%. Истовремено беше одлучено понудата на благајнички записи за аукцијата којашто ќе се одржи на 10 јули 2019 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

Отсуството на нерамнотежи во економијата е видливо преку ниската и стабилна инфлација и поволната надворешна позиција, контекст којшто придонесува за поволни движења на девизниот пазар и интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања.

Во однос на најновите макроекономски показатели, тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот април-мај главно упатуваат на натамошни поволни движења во економијата, видливи преку забрзаниот раст на трговијата и натамошниот раст на индустријата. Овие податоци, како и стапката на раст на економската активност од 4,1% во првиот квартал од оваа година, што е блиска до проектираната, соодветствуваат со очекувањата за солиден економски раст оваа година, соопшти Народната банка.

Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првата половина од годинава изнесува 1,2%, при очекувања за стапка на инфлацијата од 1,5% за целата 2019 година. Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за оваа година засега се оценуваат како урамнотежени.

Што се однесува до показателите од надворешниот сектор, остварувањата за надворешнотрговската размена за април-мај 2019 година укажуваат на можност за остварување на нешто повисок трговски дефицит од очекуваниот за второто тримесечје. Податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на јуни укажуваат на остварени нето-приливи од приватни трансфери на ниво на очекувањата за вториот квартал од годинава. Девизните резерви на крајот на јуни се повисоки во однос на крајот на 2018 година, при што сите показатели за нивната адекватност и натаму се во сигурната зона.

Во однос на монетарните движења, по малото намалување во мај, првичните податоци за јуни покажуваат месечен раст на вкупните депозити, којшто речиси подеднакво е резултат на зголемувањето на депозитите на сите сектори (домаќинства, претпријатија и останати сектори). На кредитниот пазар, во јуни, продолжи месечниот раст на кредитите, главно насочени кон секторот „домаќинства“, при раст и на кредитирањето на корпоративниот сектор. Поместувањата кај депозитите и кредитите не покажуваат поголеми отстапувања во однос на очекуваното според најновите макроекономски проекции.

Во периодот меѓу двете седници на Комитетот, високата ликвидност на банките продолжи со нагорниот тренд, поради што банките имаа умерена потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити. Тие и натаму го насочуваа вишокот слободни парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти.

На девизниот пазар, во јуни, нето-продажбата за девизи се интензивираше под влијание на сезонски фактори, коишто придонесоа за зголемена побарувачка на девизи од страна на домашните компании, поврзана со редовното работење, но и заради отплати на дивиденди кон странските инвеститори. Банките во целост ја задоволија повисоката побарувачка од сопствени средства, при што вишокот девизна ликвидност којашто произлегуваше од повисокото кредитирање со валутна клаузула и флексибилното управување со девизните средства и обврски го насочија на меѓубанкарскиот девизен пазар. Во такви околности, во јуни, Народната банка откупи 19 милиони евра од банките поддржувачки, со што и овој месец централната банка беше присутна на девизниот пазар само со откуп на девизи. Интервенциите на девизниот пазар продолжија и на почетокот на јули, при што збирно од почеток на годината до 9 јули, Народната банка откупи 102 милиона евра.

На меѓународен план има позитивни знаци за намалување на неизвесноста поврзана со глобалните трговски односи, откако состанокот на Г-20 кон крајот на јуни, САД и Кина постигнаа договор за продолжување на преговорите за трговските односи меѓу двете земји. Сепак, глобалната макроекономска состојба и натаму покажува знаци на слабост, при што високофреквентните податоци упатуваат на забавување на економската активност во еврозоната во второто тримесечје на оваа година. Во услови на влошени изгледи за економската активност, во јуни, централните банки на еврозоната и САД сигнализираа подготвеност за преземање мерки за поттикнување на економиите. Следствено, во согласност со пазарните очекувања за натамошно монетарно олабавување од страна на ЕЦБ, како и за намалување на каматните стапки од страна на ФЕД, на меѓународните финансиски пазари беше забележан поголем интерес за сигурни пласмани, пред сѐ во државни хартии од вредност, што доведе до намалување на нивните приноси, како и во злато, што, пак, предизвика раст на неговата цена.

Општо земено, на седницата беше заклучено дека последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, додека согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на претходната оцена. Притоа, повторно беа нагласени неповолните ризици од надворешното окружување, соопшти Народната банка.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/07/2019 11:10