Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе ги покаже одбранбените капацитети на ЕУ со истакнување во преден план на европската воена соработка на парадата по повод Денот на падот на Бастилја, која ќе се одржи во Париз во знак на сеќавање на 14 јули 1789 година, кога тврдината-затвор била освоена за време на Француската револуција.

Демонстрирањето на воената соработка во ранки на ЕУ се случува во момент на зголемени тензии со САД.

Гости на парадата на Елисејските полиња ќе бидат, меѓу другите, германската канцеларка Ангела Меркел и се уште актуелната британска премиерка Тереза Меј, но не и претседателот на САД Доналд Трамп, кој му беше гостин на Макрон на парадата во 2017 година, но во меѓувреме нивниот однос се влоши.

Исто така, еден од гостите на парадата ќе биде и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, што е знак дека Алијансата и понатаму е важна за Макрон.

Денот на падот на Бастилја ќе биде одбележан низ цела Франција со паради, прослави, огномети, а во Париз пожарникарите традиционално ќе ги отворат вратите од своите станици за организирање забави со граѓаните. Ќе се одржи и голем концерт кај Ајфеловата кула.

Се наведува дека денешната парада во Париз има пошироко политичко значење, бидејќи јакнењето на одбранбената соработка е една од главните цели кои ги постави Макрон во надворешната политика, а францускиот претседател не покажува какви било знаци на колебање околу тоа и покрај зголемените политички превирања во Германија и претстојниот излез на Велика Британија од ЕУ.

На Елисејските полиња денеска ќе продефилираат воени сили од девет земји, кои покрај Франција се дел од Европската иницијатива за интервенции (Е2И), вклучувајќи ги Велика Британија и Германија, а на небото ќе прелетаат германски транспортни авиони А400М, шпански С130 и два британски хеликоптера „џинук“.

На парадата ќе учествуваат и припадници на Француско-германската бригада (БФА), која има 5.000 луѓе, а основана е во 1989 година како симбол на повоеното единство меѓу Франција и Германија и сега прославува 30-годишнина.

Како што наведуваат локалните медиуми, на парадата во центарот на Париз ќе учествуваат околу 4.300 припадници на оружените сили, 196 возила, 237 коњи, 69 авиони и 39 хеликоптери.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2019 11:06