– Поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Криумчарење мигранти, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, донел Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, македонски државјанин.
– Осомничениот прифатил и превезувал 18 илегални мигранти меѓу кои четири деца во патничко моторно возило марка „крајслер“. На патниот правец Велес – Скопје, во непосредна близина на мостот на реката Пчиња, осомничениот на светлосните и звучни сигнали од страна на полициски службеници, не го запрел возилото, туку продолжил да се движи кон наплатната рампа Петровец со голема брзина. Во еден момент пред рампата полукружно го свртел возилото и се упатил во правец на село Петровец, а од таму движејќи се по регионалниот пат кон село Катланово. Пред влезот во селото, на надвозникот удрил во патничко моторно возило што се доаѓало од спротивната насока и предизвикал сообраќајна незгода. Од страна на полициските службеници осомничениот е лишен од слобода, а во возилото биле затекнати мигрантите, соопштуваат од прес-службата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија .
Поради постоење на реална опасност, се наведува во соопштението, доколку се брани од слобода осомничениот да се крие или да побегне за да ја избегне кривичната одговорност, како и стравот дека ќе ја попречува истрагата, односно ќе биде во можност да влијае врз сведоците, а воедно имајќи го предвид фактот дека е специјален повратник и извршител на други кривични дела, надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерка притвор против осомничениот.
Од таму информираат дека судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје го прифатил предлогот на обвинителството и на осомничениот му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.