СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Ј.(61) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ и „злоупотреба на службена должност и овластување“ и против В.Ј.(39) и С.К.(48), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело кривично дело „злоупотреба на службена должност и овластување“.
Во 2016, првопријавениот, во својство на управител на правно лице од Скопје, како увозник и сопственик на возило „Форд Ренџер“, за кое знаел дека не ги исполнува пропишаните услови и стандарди, односно не може да се регистрира и управува на територијата на Република Северна Македонија, по извршена царинска постапка и добиена царинска декларација на име на правното лице, со непознато лице договорил изработка на странски договор за купопродажба на возилото со невистинита содржина, преку внесување податоци за лице купувач кој е повратник од странство, како и да поднесе барање до Бирото за метрологија за отворање на постапка за идентификација на возилото, при што тој на непознатото лице му дал примерок од странската фактура, странската сообраќајна дозвола на име државјанин на Холандија и времена странска сообраќајна дозвола на име на лице од Скопје, соопштуваат од МВР.
По ова, се дополнува во соопштението, лицето обезбедило потврда од управните служби во Ресен на име лице од Ресен, во кое е наведено дека е повратник од странство, по што изработил невистинита фактура во која биле внесени невистинити податоци за продавач на возилото како правно лице од Холандија, додека како купувач било лицето од Ресен.
– После тоа, ваквата документација лицето ја доставило во прилог до Бирото за метрологија, кое издало потврда за отворање на постапка за идентификација. Првопријавениот, во име на правното лице од Скопје, ја приложил до правно лице заради спроведување на постапката за идентификација и оцена на техничката состојба на возилото, а В.Ј., во својство на вработен како технички испитувач и овластен потписник на документите за одобрување на регистрација за возила, ја спровел постапката за идентификација на возилото, без да ја утврди фактичката состојба и издал согласност за регистрација на возилото. На крај од целата постапка, пријавениот С.К., во својство на референт во Управни работи, издал регистарски таблички и возилото било пуштено во правниот промет и сообраќај на територијата на Република Северна Македонија, се вели во соопштението.