Жител на гостиварското село Беловиште е приведен и се соочува со пријава поради неовластено приредување огномет на свадбена веселба.

Од СВР Тетово потврдуваат дека синоќа околу 22 часот и 50 минути, во Полициската станица Гостивар бил приведен М.Б. (49) од гостиварското село Беловиште поради неовластено приредување огномет и нарушување на јавниот ред и мир.

На М.Б, пред чија заедничка куќа со неговиот брат, кој организирал свадбена веселба, одземени му се повеќе парчиња разновидни пиротехнички средства. Случајот се расчистува и против М.Б. ќе следува поднесок.

Полицијата дополнително ќе испитува дали покрај огнометот имало и пукање од огнено оружје.

Летово е забележано дека досетливите свадбари го користат пиротехничкото шоу за да го прикријат звукот од пукотниците од пиштоли и пушки.

Појавата на неовластено пукање и приредување огномети за време на свадбените веселби е зачестена во летниот период. За да се справи со неа, СВР Тетово најави „нула толеранција“ и децидно спроведување на законските одредби против лицата кои ќе се фатат за оружје.

– Освен што е нарушување на јавниот ред и мир и предизвикување општа опасност,За жал, летово имаше и инциденти кои резултираа со 4 зповредени лица, 2 во Тетово и 2 во гостиварско Чајле, рече за МИА, Марјан Јосифоски портпаролот на СВР Тетово.

Од 1 јануари до 31 јули годинава, на подрачјето на СВР Тетово биле регистрирани вкупно пет случаи на неовластено пукање со огнено оружје и пиротехнички средства на свадбени и други семејни веселби. Два од нив биле „предизвикување општа опасност“ и се во фаза на расветлување, едниот во Тетово и вториот во Камењане.

Еден случај е евидентиран како нарушување на јавниот ред и мир со пукање од огнено оружје и веќе е поднесено барање за поведување прекршочна постапка. Во преостанатите два случаи неовластено се користела пиротехника и сигнален пиштол и се во фаза на целосно заокружување со соодветни поднесоци.

Пукањето од огнено оружје на свечености е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и се казнува со глоба 200 до 500 евра.

Во случаи со повредување и ранување тоа може да се третира и како кривично дело „предизвикување на општа опасност”, кое се санкционира со затворска казна од една до пет, односно 10 години.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/08/2019 14:53