Државната комисија за спречување на корупцијата му изрече јавна опомена за судир на интереси на претседателот на советот на Општина Гевгелија Ташко Дојчинов, кој истовремено ја извршува и функцијата и член на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос.

Како што се наведува во соопштението, постапувајќи по предмети од областа на судирот на интереси, Комисијата констатира состојба на судир на интереси кај Дојчинов поради повреда на член 44 од Законот за спречување корупцијата и судирот на интереси.

-Службеното лице, покрај функцијата претседател на совет на Општина Гевгелија ја извршува и функцијата и член на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос. Постапувајќи согласно со одредбите од Законот за спречување корупцијата и судирот на интереси, а во насока на отстранување на констатираната состојба, Државната комисија согласно со член 77 став 1 од Законот за спречување корупцијата и судирот на интереси се обрати до лицето Ташко Дојчинов со барање да преземе чекори во насока на отстранување на утврдените повреди на одредбите од истиот закон односно во рок од 15 дена сметано од денот на приемот на одлуката да го отстрани судирот на интереси, се посочува во соопштението.

Дојчинов, како што се потенцира, не постапил по барањето на Државната комисија, односно во законски утврдениот рок доброволно не се откажал од извршување на едната од двете функции кои во моментов ги извршува и не го отстрани судирот на интереси.

-Поради наведеното Државната комисија смета дека се исполнети условите утврдени во член 79 став 1 од Законот за спречување корупцијата и судирот на интерес поради што донесе одлука на Ташко Дојчинов да му се изрече мерката јавна опомена. Согласно со член 79 став 2 од Законот за спречување корупцијата и судирот на интерес јавната опомена од ставот еден на овој член се објавува на веб- страницата на Државната комисија и во средствата за јавно информирање, соопшти Антикорупциска.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2019 13:59