Бокс промоторот Еди Херн потврди дека светскиот шампион во тешка категорија Енди Руиз Џуниор и Ентони Џошуа потпишале договор за реванш меѓу двајцата што ќе се одржи во Саудиска Арабија на 7 декември. Откако натпреварот беше потврден од агенцијата на Херн во саботата, во медиумите се појавија вести дека Руиз е незадоволен од условите на договорот и одбивал да го потпише, но на прес-конференцијата денес, Херн го негираше тоа.

– Можам да потврдам дека и двајцата боксери потпишаа за реванш. Ќе има прес-конференции во Саудиска Арабија, Лондон и Њујорк со учество на двајцата. Повеќе детали ќе бидат достапни наскоро. Што се однесува до другите натпревари за вечерта, можете да го очекувате најдоброто од нас. Толку многу боксери сакаат да бидат дел од овојнастан. До Љубителите на боксот – ова ќе биде вечер што никогаш нема да ја заборавите, изјави Харн пред медиумите денес.

Тој ја коментираше и контроверзната одлука за одржување на реваншот меѓу Џошуа и Руиз во Саудиска Арабија, а не во Соединетите држави, Мексико или Велика Британија.

– Се зборуваше многу за тоа каде може да се одржи овој натпревар, разговаравме за Велика Британија, САД и други предлози. Сакавме да одиме на место кое верува во боксот и има визија за иднината на спортот. Надвор од Кардиф и САД, постои друг свет, каде што сакаме да го промовираме боксот, објасни Херн.

Натпреварот ќе се одржи во Дирија на 7 декември на специјално изграден стадион за капацитет од 15.000 луѓе.

– Овој настан ќе остане запишан во историјата, вети Херн.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/08/2019 23:57