СВР Куманово во соработка со Сектор за урбанизам, комунално уредување и заштита на животна средина од општина Куманово, изминатиов период одржаа повеќе средби со сопственици на угостителски објекти на кои им е укажано дека треба да ги почитуваат законските ограничувања во однос на контрола за пуштање гласна музика и заштита од бучавана граѓаните, информираа денеска, надлежните од полицијата и од секторот за инспекциски надзор од Куманово.

-Во полициската станица во Куманово пријавени се поплаки од граѓани кои се однесуваа на нарушување на јавниот ред и мир за гласна музика од кои две поплаки се однесуваа за гласна музика од кафетерии, при што се констатирани два прекршоци и три лица писмено беа предупредени, информираат од кумановската полиција.

Од секторот за инспекциски надзор, потврдија дека имале поплаки од граѓани од централното градско подрачје од кафе барови, лоцирани на улицата „Гоце Делчев“ кои пуштале гласна музика. Покрај акциската контрола од надлежни институции, од секторот додаваат дека на средбите им биле укажани правата и обврските на сопствениците на кафе баровите и им било нагласено дека не смеат да пуштаат гласна музика по 23:00 часот.

-Ќе продолжиме со превентивни акциски контроли, со увиди на лице место – изјавија од секторот за инспекциски надзор.

Од полицијата пак информираат дека при извршените акциски контроли во угостителски објекти констатирани биле два прекршоци на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, односно во кафе баровите затекнале четири малолетни лица по 00:00 часот за што, информираат ќе биде подготвен Записник за констатиран прекршок по член 21 од Закон за прекршоци против јавен ред на правно и одговорно лице соодветно согласно прекршокот.

-Од страна на полициските службеници самостојно и во координација со надлежни инспекциски служби, ќе продолжат да се преземаат мерки и активности во однос на ваквите прекршоци и во претстојниот период-информираат од кумановската полиција.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/08/2019 12:40