Секторот за внатрешни работи Струмица до ОЈО Струмица поднесе кривична пријава против М.В (54) од село Добрејци, поради постоење основано сомневање дека пријавениот сторил кривично дело убиство, извршено од користољубие на подмолен начин врз А. М. (62) од Струмица, информира портпаролката на струмичката полиција, Хризантема Рендевска.
На 13 октомври лани од страна на роднини на убиениот А.М. било пријавено дека му се губи трагата, по што полицијата во координација со јавен обвинител презела низа оперативно-тактички мерки и активности.
-Утврдено е дека на 9 октомври покојниот А.М. остварил телефонски контакт со пријавениот, по што се сретнале и заедно отишле во адвокатска канцеларија во Струмица, каде бил изготвен писмен меѓусебен договор за купопродажба на недвижен имот помеѓу А.М. како продавач и пријавениот како купувач, за цена од 18.200 евра. Договорената сума на пари за купопродажба на имотот не била исплатена во адвокатската канцеларија, а од страна на адвокатот пријавениот бил предупреден дека треба парите да ги исплати на трансакциска сметка. Истиот ден пријавениот го извршил убиството врз А.М. во неговиот деловен објект во село Добрејци, каде го има повикано со изговор да му ги исплати парите за купената деловна просторија, така што го застрелал со огнено оружје со калибар 5,6 мм, а потоа го ставил телото во метален камионски резервоар за гориво и го потопил во водите на брана „Турија“ на местото Рајанци, рече портпаролката Рендевска.
Телото на застреланиот струмичанец било пронајдено по речиси 11 месеци, на 5 август годинава, и по извршената обдукција во Судска медицина Скопје утврдено е дека пронајдениот машки труп е А. М.
-При обдукцијата бил изваден проектилот со кој бил застрелан. Се работи за проектил со калибар 5,6 мм, исто како во случајот со претходно убиство на Р.И. од Струмица, чие тело беше пронајдено исто така во водите на брана „Турија“ во непосредна близина на местото каде е пронајден А.М., за што СВР Струмица веќе поднесе кривична пријава до ОЈО Струмица поради основано сомневање дека пријавениот сторил кривично дело убиство, истакна портпаролката на СВР Струмица, Хризантема Рендевска.
Инаку, по наредба на судија на претходна постапка при Основен суд Струмица пријавениот се наоѓа во притвор поради основано сомнение дека е сторител на кривично дело убиство.