Едно лице мигрант од Бангладеш починало, четворица мигранти се тешко повредени, а осум други се повредени, во сообраќајка што се случила синоќа во 19.40 часот на автопатот Демир Капија- Неготино помеѓу патничко моторно возило „фолксваген фејтон” со скопски регистарски ознаки, товарно моторно возило со приколка марка „сканија” со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Љ.Д. (61) од Кавадарци и патничко моторно возило марка „адрија матрикс” со српски национални ознаки, управувано од С.Ч.(52) од Република Србија.

МВР денеска соопшти дека по незгодата возачот на „фолксваген фејтон “, во кое се превезувале 13 лица-мигранти, 10 од Пакистан и три од Бангладеш, го напуштил местото на настанот.

- Едно 20-годишно лице од Бангладеш починало, додека четири лица - мигранти се здобиле со тешки телесни повреди и биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, а осуммина од мигрантите се здобиле со телесни повреди и им била укажана помош во болницата во Кавадарци, појаснуваат од МВР.

Увид на местото на настанот извршил јавен обвинител и екипа од Полициската станица Неготино и се преземаат мерки за расчистување на случајот. По наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/08/2019 12:11