Над 80 домашни и странски компании доствија понуди на Јавниот оглас за доделување на премии за електрична енергија произведена од фотонапонски централи за изградба на централи на државно земјиште на 11 локации од кои 10 се во Свети Николе и една во Македонски Брод.

Сите 82 понуди денеска беа јавно отворени, а компаниите кои ги исполниле условите во рок од 90 дена ќе бидат поканети да учествуваат на негативна аукција, односо јавно поддавање. Ќе биде избран оној кој ќе понуди најмал премиум, а почетниот кој го нуди државата за старт на аукцијата е 15 евра по мегават. Компаниите што ќе бидат избрани и со кои ќе биде потпишан договор ќе имаат рок од три години за да ја изградат фотоволтаичната централа.

-Нашата заложба како Влада е да ги промовираме и да ја поттикнуваме изградбата на обновливте извори на енергија во државата. Во таа насока го променивме моделот и од фидинг преминавме на премиум тарифи. Денешниот интерес на јавниот оглас покажува дека сме го направиле вистинскиот чекор, рече министерот за економија Крешник Бектеши пред почетокот на отворањето на понудите.

Тој нагласи дека на тој начин е отворен пат за да се изградат над 200 мегавати фотонапонски централи од приватни инвеститори.

-Денеска сме тука за да спроведеме најтранспарентна постапка и пред сите присутни ќе ги отвориме понудите на компаниите. Ќе можат да се уверат дека спроведуваме отворени постапки за подобрување на конкурентноста и на тој начин ги штитме граѓаните да не плаќаат поскапа електрична енергија, рече Бектеши.

Посочи дека средствата што ќе треба да се одвојат за премиумите ќе зависат од понудите што ќе се добијат на јавниот оглас, но додаде дека секако ќе бидат многу помалку од тоа што досега го плаќаше Владата како фидинг тарифи за фотоволтаичните централи чиј инсталиран капаците во моментов не недминува 20 мегавати.

Тој ги повика граѓаните да ги користат сите мерки што ги нуди Министерството за економија за обновниви извори на енергија и за енергетска ефикасност и најави дека од почетокот на следниот месец ќе почне реализацијата на мерките за енергетска ефикасност.

Министерството за економија пред два дена го објави повикот за таканаречениот офтејкер. Огласот ќе трае до 19 септември кога ќе бидат јавно отворени понудите по што биде избран офтејкерот со кој компаниите ќе можат да склучат договор за продажба на електрична енергија која ќе ја произведат од фотоволтаици доколку претходно немаат склучено договор за продажба на произведената струја на пазарот на големо.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2019 13:29