Раководителот на работната единица „Водовод и канализација“ при јавното комунално претријатие „Тетово“ Самедин Абедини бил нападнат во неговата канцеларија од жител на градот кој бил незадоволен што не добил приклучок за вода за новоизграден објект. Човекот барал водоводни цевки да има до објектот што се наоѓа на патот од Тетово кон Фалише.

-Јас се потрудив да му објаснам дека на тој дел ЈКП односно водовод нема изградено инфраструктура и му реков да се обрати на сектор за комунални дејности и на ниво на општина. Тие треба да изградат водоводната мрежа за да може водовод после изградена водоводна мрежа да даде приклучок на спомената локација. Тој револтиран затоа што сметаше дека јас лично персонално не му давам вода ме опцу и ме удри два пати со тупаница во пределот на лицето. Интервенираа колегите, главниот мајстор ми беше присутен овде на самото место и двајцата колеги од друга канцеларија набрзина интервенираа го зедоа со сила и го извлекоа надвор и тој отиде во непознат правец, изјави Абедини.

Раководителот образложува дека за приклучок се потребни и многу повеќе документи.

-Тој има само барање што е архивирано во ЈКП Тетово со барање и има прилог парцела. Апсолутно недоволно за да почне процедура за давање приклучок. Треба да има градежна дозвола, проекти за изградба и останатите документи. Со овие два документа не може ни да се почне постапка за давање вода за пиење, тврди Абедини.

Случајот бил пријавен и во тетовската полиција.

-Шеесет и четиригодишниот С.А. од тетовското село Пирок, вработен во ЈКП„Тетово“, на 27 август 2019 година пријавил дека дента околу 12 часот во неговата канцеларија дошол Н.И. (40) од Тетово и по кусата вербална расправија околу приклучок на водоводната мрежа, физички го нападнал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираше денеска СВР Тетово.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2019 15:05