Во Платежната агенција денеска беа потпишани првите десет договори од ИПАРД 2 Програмата, за модернизирање на земјоделските стопанства преку набавка на механизација и опрема.
Со договорите, вредни 137.000 евра, како што рекоа директорот на Агенцијата, Николче Бабовски, и министерот за земјоделство Трајан Димковски, почнува нов инвестицски циклус во агро-секторот.
Во текот на септември, нагласија Бабовски и Димковски, се очекува финализирање на целата процедура со потпишување на очекуваните 800 договори, вредни 10 милиони евра.
-Денеска, со потпишување на овие договори, се вбризгуваат нови средства за унапредување на домашното земјоделство. Им се овозможува на земјоделците кофинансирање на трошоците за изградба или реконструкција на објекти за добиточна храна, складишта, ладилници, калибратори,… Но, земјоделците можат да набавуваат и машини, мотокултиватори, балирачки фрези, косачки, како и системи за наводнување „капка по капка“, истакна министерот Димковски, додавајќи дека ефектите веќе се гледаат ако се земе предвид дека овој ИПАРД повик завшри во февруари, а сега, за само шест месеци, се потпишуваат првите договори.
Обработката на апликациите и реализацијата на инвестициите, оцени, оди многу брзо, а со тоа и парите за вложувањата се враќаат кај земјоделците.
Според директорот на Платежната агенција, Бабовски, во време кога земјава се приклучува кон ЕУ, повеќе од потребна е поддршката од ИПАРД. Тој уште еднаш апелира, сите земјоделци кои сакаат да ги модернизираат своите капацитети и фарми, да аплицираат за пари од европските фондови.
Меѓу индивидуалните земјоделци што денеска потпишаа договори, беше и една жена која се занимава со растително производство. Рече дека аплицира за балирачка и косачка. – Имаме стари машини. Сега, со набавката на нови, очекуваме значително олеснување на производството и поуспешна работа, изјави Сања Саздовска од Орешец.
Задоволство од потпишаниот договор искажа и Бујар Зенели, овоштар од Крани. Аплицирал за набавка на 630 бокс-палети за амбалажирање јаболка. – Добивањето средства од ИПАРД воопшто не е баук, им препорачувам на сите што сакаат да го осовременат производството, да достават барања за поддршка, рече Зенели кој воедно, информира, е и повратник од странство. Во овој контекст порача дека е најдобро да се инвестира дома.
За тресач на вишни договор за ИПАРД потпиша и фирмата „Амбасадор“ од Струмица која има 50 хектари.
На првиот Повик од ИПАРД 2 се склучени 947 договори и со нив е прифатена исплата на 21,7 милиони евра. Од нив, 84 апликанти веќе ги завршиле инвестициите и доставиле барања за поврат на над 14 милиони евра, додека на 511 апликанти целсно им се исплатени средствата и кај нив се вратени 6,98 милиони евра кои, како што оцени Бабовски, се свеж капитал во земјоделството.
На вториот ИПАРД 2 повик за Мерката 3 која предвидува инвестиции за прерабптка на земјоделски и рибни производи, до Платежната агенција се пристигнати 65 апликации со кои се бараат 15,4 милиони евра. Досега 29 апликанти склучиле договори и почнале реализација на инвестицијата. Еден од нив целосно ја завршил и има доставено барање за поврат на 3,1 милион евра.