Десет возила и 22 пожарникари засега се вклучени во гаснењето на пожарот кај Катланово. На терен е испратено и едно возило од рафинеријата „ОКТА“, да им помогне на пожарникарите.

Како што изјави за МИА командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, со пожарот чие гаснење ќе продолжи во текот на ноќта, е зафатена голема површина, но не може да се процени точно колку зашто е темно и видливоста е намалена.

-Засега сме на терен 22-ца пожарникари со десет возила. Продолжуваме со гаснење и во текот на ноќта. Зафатена е голема површина која се шири нагоре, кон боровата шума, но сметаме дека стихијата нема да ги зафати викенд-куќите, рече Симоновски.

Пожарот избувна пред речиси два часа, а од страна на скопската Пожарна беше лоциран над бензинската пумпа на автопатот Велес – Скопје. Се интервенираше веднаш, најпрво со две, а потоа со вкупно седум пожарникарски возила.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/09/2019 03:01