Повеќе пари кај граѓаните, поддршка на бизнисот за отворање нови работни места, исплати на повисоки плати во приватниот сектор и за сите работници во државата. Со такви аргументи Владата го претстави вчера ребалансот на Буџетот. Опозицијата, пак, го оквалификува прекроениот буџет како популистички бидејќи за краткорочни ефекти се крателе развојни проекти со намалените 50 милиони евра од капиталните инвестиции.
Клучна мерка на Владата е субвенционирањето на придонесите за стимулација на платите во приватниот сектор, којашто ќе трае три години, ќе ја мотивира работната сила и ќе помогне за сузбивање на сивата економија. Со прекроениот буџет има повеќе пари и за активните политики за вработување, поддршка на лозарите, лекови за ретки болести, за колекторскиот систем на Охридското Еезеро, за откуп на акциите за АД ГАМА за целосна државна сопственост.
На сметка на тоа, за 3,27 милијарди денари или за околу 50 милиони евра е намален износот на капиталните инвестиции и тие од планираните 420 милиони евра се проектирани на 370 милиони евра. Констатирана е забавена динамика на реализација на одредени проекти претежно финансирани од кредити, железницата, водоснабдителните системи, руралниот развој, образованието… Некои пари не биле потрошени поради поништени или неуспешни тендери, а некаде имало заштеди.
– Кога вложувате во проекти кои се важни за граѓаните, кога луѓето се мотивирани за работа, кога секој сегмент од општеството станува ангажиран, тоа носи раст и економски напредок, порача премиерот Зоран Заев, претставувајќи ја мерката со која со 400 милиони денари ќе се субвенционираат придонесите од задолжителното социјално осигурување за претпријатијата кои ќе ги зголемат платите на своите вработени до 100 евра.
Раст и напредок, како што рече, носи и мотивацијата на вработените во јавниот сектор, кои со септемвриската плата добиваат покачување за пет отсто.
Новата министерка за финансии Нина Ангеловска, пак, порача дека мерката за субвенционирање на придонесите за зголемување на платите треба да му помогне на бизнисот за задржување на квалитетниот кадар и за мотивација на вработените, но и за сузбивање на сивата економија. – Буџетот е во одлична кондиција и има одлична наплата на приходите. Вкупните приходи во периодот јануари – август се реализирани во износ од 130,3 милијарди денари. Тоа е раст од 7,2 проценти во однос на истиот период лани и 61,8 прпценти во однос на планираните за 2019 година, рече министерката на првата прес-конференција по стапувањето на должноста, а која се вклучи во завршниот дел од подготовката на ребалансот.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираше на најавите од Заев и Ангеловска, забалежувајќи им дека скратиле од развојните проекти, како капиталните инвестиции, за да има пари за популистички мерки, кои имаат краткотраен ефект.
– Планот на Заев е префрлање на пари во непродуктивни трошоци за да го минимизира незадоволството од расипништвото и корупцијата на неговиот кабинет. Колкави се дупките во економијата кои ќе се отворат на ваков начин, Заев не го интересира бидејќи знае дека е соочен со пораз на изборите. СДСМ заминува, а за сите нерегуларности ќе има одговорност, оцени ВМРО-ДПМНЕ.
Ребалансот на Буџетот е заснован на проекција од 3,5 проценти економски раст, вкупните приходи се планирани на ниво од 210.5 милијарди денари, а вкупните расходи се утврдени на износ од 228.3 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,5 проценти од БДП.
Според Владата, одличните економски резултати во првиот квартал од годинава даваат за право да се очекуваат солидни резултати и во вториот квартал, за нешто послаби од првото тримесечие заради претседателските избори. Власта очекува трендот на раст да продолжии во третиот и во четвртиот квартал.