Едно лице е спасено од големиот шумски пожар кој избувна попладнево околу 13.00 часот во близина на селото Дражево, општина Ново Село, изјави за МИА командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев.

Според него, се работи за повозрасно лице кое најверојатно се движело на местото на избувнувањето на пожарот. Пожарникарите го пронашле во несвесна состојба и по укажаната помош е однесен на преглед, но е надвор од животна опасност.

– Пожарот кај селото Дражево се шири со голема брзина и зафати поголема површина. Поради опаснот од запалување исклучена е електричната енергија од далноводот кој поминува тука. Ги преземаме сите мерки да не се прошири, рече командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев.

Истовремено со овој пожар се запали и депонијата „Шапкар“ кај селото Добрашинци, на која се одложува отпадот од општините Струмица и Василево. Со интервенција на пожарникарски возила од Струмица и Радовиш, како и со цистерни на ЈПКД „Комуналец“ пожарот е изгаснат.

Во Струмичко активен е и пожарот на планината Готен, кој гори дваесетина денови и од вчера се прошири кај поранешното село Кушкулија, општина Василево.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2019 20:19