Макс Верстапен не ја отфрли можноста еден ден да биде тимски колега со Шарл Леклер во тимот на Ферари. Според холандскиот лидер на Ред Бул, тој и Шарл може да имаат одредено ривластво, но тие нема да водат војна, каква што имаше меѓу Луис Хамилтон и Нико Розберг во тимот на Мерцедес.
Сè уште не е познато дали Макс ќе го продолжи договорот со Ред Бул и по 2020 година, а одлуката на холандската ѕвезда ќе биде донесена на крајот на сезоната. Сепак, ваквите изјави само ги интензивираат гласините за евентуално преминување на Верстапен во Ферари, на местото на неубедливиот Себастијан Фетел.
– Ферари е легендарен тим во Италија. Кога Италијанците зборуваат за нивниот омилен тим, тоа е како да се спомене самиот Господ. Беше неверојатно да се види како тифозите се радуваат на победата на нивниот омилен тим. Сакам да говозам најбрзиот автомобил и да се борам за титулата. Ако тој е со црвена боја, тогаш е можно во иднина да се натпреварувам со него, рече Верстапен.
На прашањето за идна соработка со Леклер, тој смета дека ќе бидат добри тимски колеги.
– Ние сме млади и брзи, што повеќе можете да посакате? Сигурно ќе има ривалство, но не верувам во ситуации како онаа меѓу Луис Хамилтон и Нико Розберг во Мерцедес пред години, заврши Холанѓанецот.