АД Електрани на Македонија испрати писмо со намери за вложување во изградбата на бугарската нуклеарна електрана „Белене“, потврди денеска генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачески.

-Владата како државна компанија ни даде задолжение АД ЕСМ да биде носител на овој проект и на 22 август испративме писмо со намери да бидеме дел од малцинскиот акционерски капитал на оваа нуклеарна електрана со можноста до максимум 10 проценти на акционерки капитал и можноста да откупуваме базна енергија до 10 проценти во времетрањење на производството на оваа нуклеарна електрана, рече Ковачески по денешната средба во Министерството за економија со ресорниот министер Крешник Бектеши на која се разговараше за тековните проекти во енергетиката.

Тој посочи дека капацитетот на нуклеарната електрана „Белене“ е проектиран на 2.000 мегавати што значи дека државата ќе може да искористи максимум 200 мегавати што е еквивалент на еден блок во РЕК Битола.

-Во моментов се уште ги немаме точните проценки колку би чинела изградбата на нуклеарната електрана, но можеби би стигнала и до 20 милијарди евра. Значи дека ние максимум би можеле да вложиме до две милијарди евра. Треба да се земе предвид дека имале неколку неуспешни обиди за изградбата на нуклеарната електрана. Сепак, треба точно да се направи проценка колку реално ќе чини и колку ние би учествувале во нејзиното финасирање, прецизира Ковачески.

Министерот Бектеши посочи дека Владата и АД ЕСМ покажале интерес и дека ќе купуваат 10 отсто од електричната енергија што ќе биде произведена во „Белене“.

-Ќе почнеме разговори со другата страна за да може нашиот дел од инвестицијата да биде и „0“ ако најдеме заедничко решение за ние да покажеме дека како држава ќе купуваме 10 отсто од произведената електрична енергија во „Белене“ имајќи во предвид дека увезуваме над 20 отсто од потребите за струја, рече Бектеши.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2019 13:37