Во јули годинава се издадени 284 одобренија за градење, за 2,9 проценти повеќе во однос на јули лани. Предвидена е изградба на 1.184 станови, од кои 599 во скопскиот регион, објави денеска Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 4.735.790.000 денари, за 1,4 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Ќе се градат 180 објекти од високоградба (63,4 проценти), 40 (14,1 процент) од нискоградба, а 64 (22,5 проценти) објекти ќе се реконструираат.

Инвеститорите добиле најмногу одобренија во Скопскиот регион – 84, а гледано по општини прворангирана е Гази Баба, по која следат Ѓорче Петров, Аеродром, Кисела Вода, Центар, Сопиште… Следува полошкиот регион, каде предничат Тетово и Гостивар, па Југозападниот во којшто најголемо градежно раздвижување ќе има во Македонски брод. Со само осум одобренија за градење и во јули годинава Североисточниот и натаму е регион со најмала градежна активност.

Предвидените 1.184 станови според одобренијата за градење во јули годинава се со вкупна корисна површина од 80.512 метри квадратни.

Од 599-те планирани станови во скопскиот регион, 493 се во Општина Аеродром, 76 во Гази Баба, 10 во Ѓорче Петров…Пелагонискиот регион е второрангиран и таму се предвидени 194 станови, од кои 186 во Битола, а потоа следат Полошкиот со 171, па Источниот и Југозападниот со 99, односно 98 станови.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2019 16:10