Трошоците на живот во август годинава во однос на претходниот месец бележат раст од 0,3 отсто, а во однос на август лани 0,8 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци, цените на мало во однос на јули годинава немаат промена, а во однос на август лани се зголемени за 0,2 отсто.

Пораст на индексот на трошоците на животот во август годинава, во споредба со претходниот месец, има кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 6,4 отсто, маслото и маснотиите за 1,6 отсто, другите преработки од месо за 0,9 отсто, свежото и разладеното овошје, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,7 отсто, месото за 0,6 отсто, рибата и морските плодови за 0,5 отсто, лебот и житата, сушеното, соленото и чаденото месо за 0,4 отсто, јогуртот за 0,3 отсто, млекото, останатите прехранбени производи за 0,2 отсто.

Во август 2019 година, пораст на индексите на трошоците на животот исто така е забележан и кај туристичките пакет аранжмани за 4,1 отсто, авионскиот превоз на патници за четири отсто, услугите за одржување на станот за 3,3 отсто, дисковите, касетите, дискетите, ЦД-ромовите, филмовите за 3,1 отсто, услугите за сместување за 2,8 отсто, парамедицинските услуги за 1,1 отсто, цврстите горива за домаќинствата за еден отсто, домашните миленици и сродни производи, услугите за лична хигиена за 0,9 отсто, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема за 0,7 отсто, средствата за чистење и одржување на станот за 0,6 отсто, мебелот и покуќнината за 0,5 отсто, течните горива за домаќинствата, другите лични предмети за 0,4 отсто, услугите за одржување и поправки на станот, теписите и другите покривки за под, големите електрични апарати за домаќинствата, градините, растенијата и цвеќињата за 0,3 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот во август 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1,1 отсто, јаjцата за 0,4 отсто, сувото овошје и јаткастите производи, безалкохолните пијалаци за 0,3 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај централното греење за 6,4 отсто, гасот за домаќинствата за 4,3 отсто, информатичката опрема за 2,7 отсто, обувките за 2,5 отсто, услугите за рекреација и спорт за два отсто, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 1,6 отсто, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 1,1 отсто, телефон и телефакс-опремата за 0,9 отсто, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0,5 отсто, конфекцијата за 0,4 отсто, малите електрични апарати за домаќинствата, лековите, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 0,2 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2019 16:12