Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) организира информативно-забавен настан од отворен тип на Градскиот плоштад во Скопје за одбележување на Денот за пензиска свесност. Настанот ќе се одржи во сабота, 14 септември, со почеток во 12.00 часот на плоштадот Македонија.
На овој настан посетителите ќе ги добијат сите потребни информации поврзани со пензискиот систем, за начинот на кој функционира, правата на пензиските осигуреници, како и информации за новите законски измени кои засегаат одредени групи на пензиски членови и осигуреници. Информирањето на посетителите ќе го вршат стручни лица од МАПАС, Фондот на ПИОСМ, како и претставници на лиценцираните пензиските друштва во земјава, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје. Освен информациите за пензискиот систем посетителите ќе имаат можност да уживаат во музиката на бендот „Деј оф“, но и ќе можат да се испробаат во квизот на знаење кој ќе им донесе скромни награди и подароци поврзани со настанот.
Настанот се организира со цел да се подигне свеста на граѓаните за значењето на пензиското осигурување и да ја зголемат информираноста за пензискиот систем. Со тоа, сегашните и идни осигуреници и членови добиваат значајна основа за да може да ја испланираат и да ја осигураат својата пензиска иднина.