Која е улогата на Централната банка, од каде доаѓаат парите, што се подразбира под термините инфлација, јавни набавки и буџет се само дел од прашањата што беа опфатени преку информативната и образовната кампања за финансиска писменост кај младите во нашата земја, соопшти Асоцијацијата за едукација Младиинфо Интернационал.

Асоцијацијата Младиинфо Интернационал во партнерство со Balkan Monitoring Public Finances и Analytica, преку стрипови, на еден визуелен и иновативен начин, се обиде да допре до младите и да ги информира за некои поважни термини од финансиската област и како функционира системот на финансии во една држава.

Со потенцирање на пет значајни и горливи проблеми во врска со финансиската писменост во државава и преку иновативен начин за истакнување на фактичката состојба и истовремено потсетување на стандардите, вредностите и важноста на финансиите во секојдневниот живот Младиинфо Интернационал созаде супер херој кој ќе го привлече вниманието кај младите и сите засегнати страни.

Стриповите, како што соопштуваат од Асоцијацијата, се поделени во пет епизоди во кои главна улога ја има суперхеројот Фајнанс мен, кој им помага на младите подобро да разберат некои термини и делови од јавните финансии, да ги едуцираат за финансиски теми и да станат посвесни за нивната финансиска независност, исто така и да разберат како функционираат државните финансиски институции.

– Преку оваа кампања успеавме да посочиме што е финансиската писменост и да дефинираме основни термини во сферата на јавните финансии и да објасниме основни поими за тоа што е финансиската писменост и кои се последиците од недостаток на знаење во оваа област, стои во соопштението.

Проектот е поддржан од Европската Унија, во партнерство со Асоцијацијата за едукација Младиинфо Интернационал, Balkan Monitoring Public Finances и Analytica.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2019 15:01