Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денеска оствари работна средба со бизнис делегација од Турција, предводена од заменик министерот за земјоделство и шумарство, Мехмет Хади Тунк и претседателот на Асоцијацијата на извозници на свежо овошје и зеленчук, Хајретин Учак, која престојува во дводневна посета на државава, соопшти Кабинетот на министерката Апостолска.

На средбата, двете страни изразиле задоволство од досегашната соработката што се одвива во духот на традиционалното пријателство и потврдиле продолжување на позитивниот пристап за продлабочување на економската соработка на конкретни полиња од заемен интерес.

Министерката Апостолска ги претставила владините економски политики и можностите коишто ги нуди Планот за економски раст за реализација на инвестиции во земјава. Во контекст на економските политики и поддршката за реализација на нови инвестиции, таа истакнала дека Владата овозможува значајна финансиска поддршка за компаниите преку транспарентни процедури и ги охрабрила турските стопанственици да ги реализираат своите инвестициски проекти во нашата земја, при што порача дека Владата им стои на располагање за целосна институционална поддршка во развивањето и нивната реализација.

Од страна на бизнис делегацијата бил искажан интерес за реализирање на инвестиции во делот на земјоделскиот сектор, поконкретно во делот на преработка и конзервирање на зеленчук и овошје, каде гледаат особено голем потенцијал.

Заменик министерот Хади Тунк потенцирал дека Турција како и досега дава силна поддршка на земјава на патот кон ЕУ, притоа истакнувајќи дека се отвора голем простор за натамошно продлабочување на односите на економски и инвестициски план, како и за зголемување на трговската размена меѓу двете земји.

На средбата министерката Апостолска била придружувана од градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски како домаќин на турската бизнис делегација.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2019 17:49