Транспортери чекаат три до четири часа на ГП Табановце – Прешево на српска страна и покрај тоа што на крајот на минатиот месец беше воведено заедничко гранично управување. Последните информации на Асоцијацијата на камионски транспортери „Макамтранс“ се дека српската страна го надминала судскиот проблем во однос на користењето на терминалот, а за забрзување на протокот се очекува да помогнат и раководствата на двете царини, информира денеска Билјана Муратовска, претседател на „Макамтранс“.

Муратовска рече дека добиле информација оти по надминување на проблемот Србија ќе почне забрзано да ги подготвува сите работи за да се воспостави и втора лента и да се користи и паркинг просторот.

– Ќе треба малку да почекаме затоа што веќе две години заради тој проблем откако беше најавена новината остана нерешeн и со воведувањето веќе и српската страна има притисок за да ги надмине проблемите, рече Муратовска, одговарајќи на новинарски прашања пред конференцијата за транспорт, во организација на „Макамтранс“.

Таа добила ветување од директорот на Царината Ѓоко Танаскоски дека на средба со неговиот српски колега ќе побара да се воспостави приоритетна лента за проток на свежа стока, односно се што има на македонска да важи и на српска страна за да се забрза протокот.

– Транспортерите сега се малку нервозни, но сметам дека ова е единствениот начин да се забрзаат работите и да се одобрат условите, рече Муратовска.

Преку ГП Табановце лани поминале околу 200.000 камиони, што е една четвртина од вкупниот промет на товарни возила. Се очекува, како што беше најавено на стартот на заедничкото гранично управување, бројката годинава да се зголеми за 30 проценти и да достигне 260.000. Проценките на властите и бизнис асоцијациите се дека со проектот „One stop shop“ превозниците ќе имаат заштеда од околу осум милиони евра на годишно ниво.

На конференцијата беше презентирана електронска апликација на Макамтранс на којашто превозниците можатанонимно да пријават случаи на корупција на граничните премини и низ патиштата, како и движења на мигранти и случаи на нивно присуство во возила. Информациите од апликацијата ќе бидат доставени до Координативниот центар за гранично управување, којшто ќе ги алармира останатите надлежни институции.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2019 18:42