Американскиот боксер Дионтеј Вајлдер ја вжешти атмосферата во очекување на реваншот против Тајсон Фјури, откако утрово ја проследи борбата на Британецот против Ото Валин. Според шампионот на „ВБЦ“, Фјури не е истиот боксер и токму тој „ја завршил неговата кариерата“.

– Секој што го гледаше овој натпревар, ќе разбере и ќе признае дека не е истиот борец. Тоа е она што го правам – ставам крај на нивната кариера. Јас сум најлошата личност на планетата, тој не е истиот борец откако му нанесов потрес на мозокот, рече Вајлдер, цитиран од „Мирор“.

„Бронзениот бомбардер“ додаде дека едвај ја чека борбата против „Циганскиот крал“ и дека тој не го видел најдоброто од него.

– А тој беше во најдоброто свое светло. Реваншот ќе биде толку различен. Ото Валин доби добра борба. Најимпресиониран бев кога му ја пукна аркадата на Фјури. Дури се обиде да му го извади окото во еден момент. Ќе му треба повеќе од циганска вуду кукла, повеќе од циганска магија кога ќе излезе со мене. Дефинитивно ќе биде кратка ноќ, заврши Американецот.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/09/2019 00:40