Универзитетскиот професор по комуникологија, новинарство и односи со јавноста Томе Груевски, почина синоќа на 70-годишна возраст во Скопје по кусо и тешко боледување.
Професорот Груевски е прв доктор по комуникологија во земјава и основоположник на студиите по односи со јавноста.
Груевски е роден во Смилево, Битолско, (1949), дипломирал на Филолошкиот факултет (1972); магистрирал на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (1989) и докторирал на Правниот факултет (1995) во Скопје.
Во времето на студиите бил соработник, уредник и главен уредник на в. „Студентски збор“, а подоцна и директор на НИП „Студентски збор”.
Покрај книгата Комуникологија на жанрот ги има издадено и книгите: Современиот печат во Македонија, Печатарството и издаваштвото во Битола, Историја на новинарство, Комуникологија, Култура на говорот, Односи со јавноста, и многу други книги кои имаат особен акцент кон комуниколошките појави.