Назад сме од светскиот тренд на автоматизација и дигитализација. Мораме да вложиме во нови технологии, да го реструктуираме образовниот систем согласно потребите на пазарот на труд, да ги доближиме прописите во делот на финансиското и даночното олеснување со оние на ЕУ за да не стојат расположливите фондови неискористени, а Македонската банка за поддршка и развој да ја реструктуираме во насока на подрршка на индустриите кои се 100 отсто извозоно ориенитрани, му порача денеска бизнис заедницата на претседателот Стево Пендаровски.

На работниот состанок што го организираше Советот на странски инвеститори во Стопанската комора на Македонија, компаниите предочија и дека не сме во тек со стандардите. Во 2009 се преведени последните, што претставува, рекоа, „дупка“ од една деценија.

Притоа, уште еднаш укажаа дека приоритет и натаму останува владеењето на правото. Тоа, како што рекоа, е императив за водење бизнис. Законите мора да важат еднакво за сите, а треба да продолжи и борбата против корупцијата, нелојалната конкуренција и сивата економија. Посочија и на потребата од поефикасна јавна администрација, како и на враќањето на довербата во институциите.

-Сите тука сме извозно ориентирани, но за да опстанеме на надворешните пазари мора да сме во тек со се што се случува во светот, автоматизација, дигитализација. Назад сме. Не дека нема средства, комерцијалните банки имаат, но долгорочните кредити имаат одредена ставка на трошок кај компаниите, а времетрањето на нивниот поврат е релативно кратко што создава проблем со недостиг на кеш. Во овој период на создавање нов човечки капитал, ќе ни биде од голема помош ако Македонската банка за поддршка и развој се преструктуира со цел во фокусот да и биде подрршката на индустриите кои се 100 отсто извозоно ориенитрани, рече генералната менаџерка на „Комфи ангел“ – Прилеп, Ирена Јакимовска.

Според неа, единствена добра работа од одлевањето на кадрите што во моментот ни се случува е тоа што ќе стекнат работна навика и корпоративна култура, нешто што ние тука го немаме. Во однос на образованието, потенцира дека потреба од толку високи образовни центри, вклучувајќи ги и приватните, воопшто не се потребни. Треба да се фокусираме на неколку кои ќе произведат соодветни, потребни кадри.

Други бизнисмени побараа да се размисли околу оданочувањето на приходите од владините субвенции за стимул на извозно-ориентираните компании кои изнесуваат до два милиона евра годишно, зашто нивниот ефект ќе биде видлив во наредните години.

Претседателот Пендаровски кој учествуваше во дискусијата, се согласи дека структурни реформи во образованието се неопходни. Посебно, напомена, треба да се сменат курикулумите на универзитетите за луѓето кои излегуваат со диплома, да немаат само парче хартија, туку конретно знаење врз основа на претходен контакт со реалниот сектор.

Како и во почетниот дел на состанокот, се осврна на преговорите со ЕУ. Апелира, да не ја испуштиме шансата која ќе значи голем прогрес за земјата.

-Туск денеска донесе прилично позитивно очекување, дека во откомври можеме да добиеме датум за преговори. Моја проценка е дека после тоа, ние ќе влеземе во уникатен период, каков што не сме имале во историјата. Во тој период, додека преговарате, се прават најголемите реформи. Откако ќе влезете во ЕУ, ентузијазмот за реформи спласнува. Преговорите што ќе почнат, ќе бидат дневно проценување на што се прави во секој сектор. Процесот ќе биде долг, тежок, комплексен, но уникатен. Тоа што ќе го направиме како исчекор, во политиката, економијата, правната држава, тоа и ќе ни биде. Најнапредните држави во светот ќе ни го покажуваат патот. Да не ја испутшиме таа шанса, никогаш потоа нема да имаме таква прилика, рече Пендаровски.

На бизнисмните им кажа дека ќе се залага состаноците со стопанствениците да станат традиција и редовно да се одржуваат. Воедно најави средби со главните менаџери на големите компании, нешто што го спроведувал неговиот претходник, а тој, рече, ќе го поддржи и продолжи.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2019 15:28