По железничката несреќа што се случи синоќа околу 22 часот на пругата помеѓу станиците Лисиче и Скопје, а во која животот го загуби едно лице, од Железници на РСМ Транспорт денеска изразија сочувство до семејството на загинатиот триесет и едногодишен скопјанец и апелираа до граѓаните за почитување на собраќајните правила.

– Иако машиновозачот на возот бр. 644 кој во тој момент сообраќал, го забележал човекот како се движи среде отворена пруга и веднаш завел брзо кочење и почнал да свири, човекот излегол од колосекот, но не и од железничкиот профил, со што не можела да се избегне несреќата и возот го удрил и го усмртил, изјавија за МИА од Железници на РСМ Транспорт ад Скопје.

Веднаш се повикани брза помош и полиција, која работи на расветлување на случајот. На терен излегла Комисија за расчистување и иследување на вонреден настан од Транспорт и Инфаструктура.

– И покрај сите мерки за заштита на животите и имотот кои се преземени, Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје апелира на поголема совесност на граѓаните за почитување на сообраќајните правила и изразува искрено сочуство на семејството за изгубениот живот, истакнуваат од железничкото претпријатие.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/09/2019 15:31