Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово до ОЈО Берово поднесе кривична пријава против О.М.(31) и В.М.(49), двајцата од с.Двориште, беровско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и против В.М.(52) од с.Двориште, беровско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“.
На 17.09.2019 околу 18.30 часoт на регионалниот пат Берово – Струмица, во близина на место викано Палазлија, при контрола на четири товарни возила било констатирано дека превезуваат огревни дрва без потребни документи. Полициски службеници презеле мерки возилата да се спроведат до Шумско стопанство „Малешево“ Берово. Товарното моторно возило управувано од третопријавениот В.М. ја напуштил колоната и не ја почитувал наредбата на полициските службеници да застане. Кога застанал пред неговата куќа во с.Двориште, О.М.и В.М.,. физички нападнале полициски службеници кои преземале службени дејствија. Тројцата биле лишени од слобода и приведени во Полициската станица Берово.