Банкнотите стануваат „северни“. Народната Банка склучи договори за набавка на нови 10 и 500 денарки. Дизајнот останува ист, единствената промена е додавањето на новото име на државата.
„Потребно е да се заменат буквите НБРМ со НБРСМ и текстот Народна Банка на Република Македонија со текст Народна Банка на Република Северна Македонија секаде каде што се појавуваат“ стои во склучените договори, пренесува Телевизија Алфа.
За набавка на 20 милиони парчиња во апоен од 10 денари Народната Банка ќе плати 971 илјади евра, а за 15 милиони парчиња од 500 денари ќе плати 587 илјади евра. Банкнотите ќе се печатат во Обединетото Кралство односно во Франција.
Парите ќе се заменуваат постепено, односно со повлекувањето на оштетените парчиња. Целиот процес треба да трае повеќе години, а евентуално негово забрзување може да се очекува со отворањето на соодветното поглавје од преговорите со Европската Унија како што е предвидено со Преспанскиот договор.
Засега е неизвесно дали денарите ќе станат и двојазични. Се уште се чека мислењето на Венецијанската комисија која треба да каже дали е во согласност со Уставот парите освен на Македонски да бидат испишани и на Албански јазик.
„Кога го договаравме Законот за јазици, останаа спорни две одредби: употребата на јазикот на банкнотите и на униформите на војската, затоа што имаше правници во тоа време кои ни укажуваа дека тие може да бидат противуставни и евентуално утре можат да паднат на Уставен суд“, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на 06.09.2019.
Сепак, во законот веќе има одредба дека банкнотите и монетите треба да содржат и албански мотиви.
„Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“ стои во членот 8.
Народната Банка допрва ќе прави анализи колку сегашниот дизајн на банкнотите и монетите е усогласен со законот за јазици зашто и сега дел од нив содржат албански мотиви. Процесот ќе трае неколку години.