Нефункционални информативни табли за културното и историското наследство во Скопје на коишто е напишано дека се поставени со финансиска поддршка од ИПА-програмата на ЕУ неодамна го привлекле вниманието на членот на делегацијата на Европската комисија во државава Јан Маат. Откако ги алармирал надлежните институции, таблите повторно се функционални. Со тој пример европскиот службеник го претстави значењето на одржливоста на ИПА-проектите, за што до крајот на годинава треба да се донесе правилник.
Како што порачува Маат, одржливоста на проектите што се финансираат преку ИПА е многу важна и, пред сè, треба да има долгорочен ефект во подобрување на животот на граѓаните и работењето на компаниите. Одржливоста е важна, како што вели, и со оглед на фазата во која се наоѓа државава со очекувањето на пристапните преговори со ЕУ и јакнење на капацитетите на министерствата, агенциите, како и за владеење на правото и за сите други реформи.
– Доколку овие проекти не се одржуваат и не бидат соодветно поддржани по нивното завршување ризикуваме граѓаните од земјите на ЕУ да речат зошто би продолжиле со поддршката. Нема да ви кажам конкретно во кој дел од Скопје бев на прошетка, тоа беше дел за каде што обезбедивме поддршка за набавка на информативни табли со информации за културното наследство, објектите и зградите во одреден дел од градот, но сите екрани беа нефункционални. Ова е дел од градот каде што доаѓаат и туристи и жители оттука. Уште поголем поттик да зборувам за ова е што на самите табли што беа нефункционални е напишано дека се финансирани од ЕУ. Тој проблем успеавме да го решиме во меѓувреме и ги известивме крајните корисници, но сето ова може да доведе губење на поддршката од граѓаните на ЕУ, даночни обврзници чии пари се користат за ваква поддршка. Би сакале да го избегнеме тоа во иднина, вели Маат.
Позитивно е тоа што државава е единствена во Западен Балкан што во законодавството има преземено обврска да ја осигури одржливоста на проектите што се применуваат со европски средства. Препорачува и спроведување ревизии, со коишто ревизори од ЕУ ќе можат да проверат дали предвидените резултати се остварени и одржливи.
– На пример, дали се одржува патот, дали се користат машини. Кога работев во Србија имавме случај со набавка на опрема за регистрирање животни што воопшто не се користеше и беше оставена во ходникот и собираше прав. Во Северна Македонија имаме измешана слика, некои проекти одлично функционираат во однос на следењето на одржливоста, а други имаат тешкотии. Ова не е карактеристика само за Северна Македонија, туку еднакво важи за сите земји корисници на ИПА од Западен Балкан и во други делови од светот. Главната одговорност за гарантирање на одржливоста е кај крајните корисници на резултатите од ЕУ-проектите, а крајната последица што е директно поврзана од небрежност на корисникот и крајните резултати е тоа што Комисијата може да побара поврат на средствата. Тоа нормално би сакале да го избегнеме, истакнува Маат.
Според најавите од надлежните институции, со правилникот ќе се воведе и систем на санкционирање кој би се применил ако не ги исполнуваме обврските како крајни корисници на проектите по завршување на нивната примена и користење на резултатите од нив. Правилникот го изработи Секторот за управување со средствата од ЕУ – ИПА при Министерството за финансии коишто заедно со Националниот координатор за авторизација се сметаат за стожер на легалноста и законитоста на финансиските трансакции и ефикасното функционирање на системите за управување и контрола за ИПА-помошта.
Во насоките што ги подготви Секторот од МФ, меѓу останатото, се појаснува дека при прекршување на условите, санкциите ги дефинира националната правна основа. Националниот координатор за авторизација при Министерството за финансии има право делумно или целосно да ги поврати финансиските средства од крајниот корисник. Пред да се побара поврат на средства или да се наметнат казни за прекршување крајниот корисник ќе има период да преземе корективни мерки.
Калинка Габер, државен секретар во Секретаријатот за европски прашања, вели дека е особено важно што по десетина години спроведување проекти со децентрализиран модел се регулира тема која ќе ја заокружи целокупната рамка на процедури за спроведување на проектите.
Како што вели таа, ако на почетокот до спроведувањето на ИПА фокусот бил на подготовката на тендерски документи, се учеле лекции за начинот на тендерирање и процесот на селекција на проекти, по што се насочиле кон предизвиците за спроведување, сега кога почна затворањето на програмите од ИПА 1 што коинцидираше со воведување ИПА 2 се посветуваат и на одржливоста на резултатите од проектите.
– Начелото на одржливост треба да биде следено во целиот циклус, односно уште од самата фаза на програмирање. Се случувало, а и денес се случува, аспектите на одржливоста да бидат послабо дефинирани во фаза на програмирање, па дури и да не се посветува многу внимание на одржливоста во текот на спроведувањето. Одржливоста мора да биде во центарот на вниманието од затворањето на договорот, па сè до затворањето на програмата во рамките на која е финансиран проектот и затоа ги поздравувам ваквите иницијативи за поголема одржливост на проектите, порачува Габер.
Од посетите на терен за проекти финансирани од 2009 до 2011 увиделе состојби што, како што вели, не се многу охрабрувачки, бидејќи резултатите од проектите не се користат системски и во согласност со правилата. Веќе се ангажирани дополнителни лица кои ќе работат активно на процесот.
– Со предизвиците се соочуваме, на висина на задачата сме и подготвени сме да се носиме со нив со оглед дека со ИПА 3 веќе станува извесно дека ваквите прашања ќе добијат на актуелност и успешноста на државата да ги користи средствата и да ги употребува резултатите ќе влијае на можностите да добива средства за други инвестиции и проекти, потенцира Габер.
Од надлежните институции истакнуваат дека на ИПА не треба да се гледа само како на финансиска помош, туку како на еден од клучните инструменти што во изминатиот период го поддржаа процесот на спроведување значајни институционални реформи за јакнење на социјалната, економската и политичката кохезија во државава.
– Свесни сме дека комплексноста на поставеноста на системот за индиректно управување, односно вклученоста на бројни институции во процесот доведува до отежнување на управувањето со проектите, и во некои случаи до доцнење во носењето на одлуките. Сепак, приоритет на Република Северна Македонија се и остануваат да бидат проекти од национален интерес кои се во поддршка на европските политики, вклучително и проектите во секторите транспорт, животна средина и климатски промени, социјала, образование, владеење на правото, вели заменик-министерката за финансии Ширет Елези.
Таа порачува дека целта не е да се изградат проектите за да постојат сами за себе.
– Проектите од ИПА 1 веќе се ставени во функција на граѓаните на нашата држава и ги уживаат придобивките од нив. Овие проекти бараат издвојување значајни средства за нивно одржување, како и ангажман на соодветен кадровски капацитет со цел да траат многу години, односно да ја исполнат оправданоста од нивно финансирање, укажува заменик-министерката Елези.
Досега, преку ИПА-фондовите се реализирани речиси 450 договори во износ од 557 милиони евра. Педесет проценти од вкупно исплатениот износ отпаѓаат на капитални проекти. Реализирани се 69 договори за набавка на опрема во износ од 18,4 милиони евра и 22 договори за изградба на инфраструктурни проекти во износ од 141 милион евра. Во финансирањето на тие договори беа обезбедени и средства од Буџетот како задолжително национално кофинансирање во износ од околу 30 милиони евра и дополнителни 160 милиони евра заем за Коридорот 10.
Автопатот Демир Капија – Смоквица, како и делниците Смоквица – Гевгелија, Куманово – Миладиновце, железничката пруга Битола – Кременица, обновата на 10 железнички станици, четири пречистителни станици, 110 километри канализациска мрежа, опрема за трансфузија, се само дел од реализираните проекти од ИПА 1 за кои во иднина ќе треба да се обезбеди одржливост. Во наредниот период следува реализација на предвидените проекти во износ од 300 милиони евра од ИПА 2.
Најуспешни во реализацијата на инфраструктурните проекти, во соработка со Министерството за финансии, се Министерството за транспорт и врски со Јавното претпријатие за државни патишта и ЈП Железници инфраструктура со искористени 98 проценти од расположливите алокации. Министерството за животна средина искористило 79 проценти, а Министерството за труд и социјална политика заедно со органите во состав и Агенцијата за вработување 62 процента. Корисници се и министерствата за образование и наука, за внатрешни работи, за информатичко општество и администрација, за правда со судовите и јавното обвинителство, Царинската управа…
Лидија Велковска