Само 28 отсто од бизнисите во земјава прават длабинска анализа за последиците кои нивниот бизнис ги има по човековите права, а 16 отсто прават нешто тоа прашање да го преточат во рамки на својот бизнис. Постојат декларативни заложби за етички принципи во работењето кои вклучуваат грижа кон вработените, животната среднина и заедниците во кои делуваат, но во пракса на суштинско ниво немаме некои стратешки приод.

Ова се дел од резултатите од истражувањето на здружението „Конект“ направено во рамки на проект за „Поттикнување на принципите за бизнис и човекови права“ финансиран од ЕУ.

– Голем дел она што го прават компаниите е во рамки на законските норми, но нема конкретни протоколи и механизни што ако на некој вработен или потрошувач му е нарушено човековото право, која е процедурата која компанијата ќе ја спроведе ќе го сослуша и адресира тоа прашање и на крај да има некаква надокнада доколку тоа право е нарушено, рече Никица Кусиникова, извршна директорка на Здружението Конект, на денешната „Конференција за бизнис и човекови права“.

Таа истакна дека ова е релативно нова тема за бизнисот кај нас, иако како што рече, тоа е ново поглавје во начинот на кој компаниите ширум светот го водат својот бизнис по 2011 година кога Обединетите нации ги усвоија Водечките принципи за бизнисот и човековите права.

– Додека претходно државата ја имаше примарната улога во почитувањето на човековите права, сега е општо прифатено дека компаниите се, исто така, одговорни да ги почитуваат човековите права во сите сфери на своето работење, од односот кон вработените, потрошувачите, заедницата во која делуваат и животната средина. Денеска разговаравме на кој начин компаниите можат да го градат својот бизнис, што тоа значи за нивниот бизнис, бидејќи во денешната глобсална економија ако не ги почитува компанијата човековите права ризикува да изгуби бизнис на глобалните пазараи. Од друга страна ако ги вгради како интегрален дел од својот бизнис и да креира конкурентска предност кај странските клиенти и деловни партнери, рече Кусиникова.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека има се повеќе големи компании кои се борат за квалитетни вработени во нивните компании и се стимулитаат да ги почитуваат човековите права. Треба, вели таа, компаниите и стопанските комори се почесто да го адресираат ова прашање и да укажат дека подобри услови, поголемо почитување и стимулација за раст и развој на работникот на работното место може да обезбеди и подолгорочна негова лојалност кон компанијата.

Според неа, нова тема за бизнисот е аспектот на почитувањето на човековите права во заедницата каде се тој се практикува.

– Ова е нова тема за нашите бизниси, кои верувам дека се заинтересирани да се подигне свесноста на ова прашање. Што повеќе дискуси подобро и поквалитетно опкружување ќе создадеме. Кога компаниите ги почитуваат човековите права тие полесно растат, ние живееме во подобро општество и со тоа градиме можност потенцијалот да се развива и остане во нашата држава, бидејќи човечкиот потенцијал е најважен за развојт, рече Царовска.

Конференцијата за бизнис и човекови права покажа дека се потребни континуирани напори за зајкнување на свеста и капацитетите за имплементација на ВПОН кај сите релевантни чинители (државните органи, бизнисите, организациите на работодавачи и работници, граѓанските организации и граѓаните) во насока на создавање на клима на транспарентност, отчетност и одговорност.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2019 18:18