Во Собранието на Република Македонија денеска продолжува расправата по ребалансот на Буџетот за 2019 година.

Собраниската расправа почна во четвртокот кога новата министерка за финансии Нина Ангеловска го образложи ребалансот на буџетот пред пратениците. Таа рече дека со него се обезбедува поддршка за повисоки плати за вработените во приватниот сектор и во јавната администрација и повеќе средства за поддршка на активните мерки за вработување.

Ангеловска, на која ова и е прв значаен документ кој го елаборираше пред пратениците, истакна дека за нешто помалку од три месеци за првпат на граѓаните ќе им бидат вратени и пари преку проектот „МојДДВ“ кој почна да го реализира оваа власт.

Според неа, трендовите во економијата се добри, а растот за годинава е ревидиран на 3,2 проценти, но веќе следната година се очекува да се интензивира и да изнесува 4,2 отсто, додека во 2021 година да достигне до пет проценти.

Опозицијата го оцени Ребалансот како показател за неефикасноста на Владата и нефункционалноста на институциите. Обвинија за нереализација на капиталните инвестиции, а забелешки имаа и на проектот за субвенционирање на платите и на проектот „МојДДВ“.

Владејачкото мнозинство смета дека релабансот е направен со цел да се подобрат преформансите на Буџетот во полза на граѓаните.

Расправата за Релабансот се одвива во рамки на собраниската Комисија за финансисрање и буџет по што треба да се најде на усвојување на дневен ред на пленарна седница. За Ребалансот се поднесени вкупно 391 амандман.

Ребалансот е така скроен што во него се одвоени 400 милиони денари за субвенционирање на растот на платите во приватниот сектор, 200 милиони денари за активните мерки за вработување, дополнителни средства за поддршка на земјоделството, 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, 193 милиони денари за заштита на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за исплата на поврат на ДДВ…Поради слабата реализација на одредени капитални инвестиции од иницијално планираните 25,9 милијарди денари, намалени се одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација. Вкупното намалување на капиталните инвестиции изнесува 50 милиони евра. Предвиден е и трансфер за Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, односно 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/09/2019 10:41